Рубрика: Информатика
Google го менува начинот на кој го пребарувате Интернетот
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 29.11.2022 - 11:45

Настрана од повремената козметичка промена на почетната страница, која може да ги натера долгогодишните корисници да се згрозат, Google Search се развива без премногу помпа. Иако Google вели дека пребарувањето се ажурира илјадници пати годишно за да се подобрат резултатите и корисничкото искуство, тие ажурирања се невидливи за милиони корисници кои испраќаат милијарди барања за пребарување дневно, на 150 јазици.

Неодамна сајтот Wired побара од Google увид во тие промени, како и нивната имплементација, а со оглед на тоа дека празничната сезона е на самиот агол, имаше прашања и за Google Ads и Google Shopping услугите. Како Google одлучува што да промени?

Системите кои одлучуваат што е релевантно и доверливо меѓу милијарди веб-страници се автоматизирани. Во исто време, одлучувањето како овие автоматизирани системи ги извршуваат своите функции бара многу напор од многу учесници.

Промените во пребарувањето минуваат низ ригорозен процес пред да се имплементира нешто ново. Во текот на 2021 година, Google спроведе повеќе од 700 000 експерименти кои резултираа со 4 000 подобрувања во пребарувањето. Заедно со промените во методологијата за пребарување на Google, многу од промените во пребарувањето имаат за цел да го направат поконтекстуално и да им овозможат на корисниците „поприродно и поинтуитивно“ пребарување. На пример, мултипребарувањето на мобилната апликација на Google им овозможува на корисниците да фотографираат, да додаваат текст на неа и да пребаруваат по слика и текст во исто време. Наскоро ќе биде достапна функцијата „multsearch near me“, која ќе го прави истото, но ќе нуди локални резултати. На пример, можете да фотографирате еден вид суши и Google ќе ви помогне да најдете ресторан во близина што го служи.

Исто така Google е фокусиран на тоа да ги направи повизуелни некои од пребарувањата, како истражувањето на нов град, на пример, со истакнување на работата на креаторите на содржина и отворената мрежа. Тој пристап ќе важи и за новата функција која наоѓа совети од прва рака од вистински луѓе, како оние кои создаваат видеа како да се направи. Функцијата моментално е означена како „дискусии и форуми“ во пребарувањето и води до разговори каде експертите (или оние кои веруваат дека се експерти) ја објаснуваат темата од интерес.

Една еволуција што можеби сте ја забележале одамна е дека добивате различни резултати од пребарувањето спроведено од мобилен уред и она од десктоп компјутер. На мобилниот телефон, содржината што се вчитува брзо и добро се прикажува на екранот има тенденција да се рангира подобро.

Колку голем проблем е спамот? Тоа е проблем од 40 милијарди дневно. Тоа е бројот на страници со спам и злонамерна содржина што пребарувањето на Google ги открива секој ден. Од Google велат дека постојано филтрираат околу 99% од овие содржина, но количината на злонамерна и несакана содржина е во постојан подем.

Google користи систем за спречување спам базиран на вештачка интелигенција наречен SpamBrain, за кој вели дека доведе до идентификација на шест пати повеќе спамерски веб-страници во 2021 година отколку претходната година.

На сличен начин и Google Ads е во постојана битка да се ослободи од малициозен софтвер и измамници. Google Ads се вклучува со потврдување на идентитетот на огласувачите и идентификување на координирана активност помеѓу сметките користејќи мрежни сигнали. Нивните напори вклучуваат автоматизирани системи, како и човечки рецензенти кои се обидуваат да ја следат злоупотребата во повеќе од 180 земји. Тоа е голема задача.

Трговците се предмет на правила кои конкретно забрануваат лажно претставување и фалсификувани стоки. Како и кај пребарувањето и рекламите, автоматизацијата и човечкиот преглед се вклучени во проверката на овие провајдери. Google Shopping исто така се потпира на повратни информации од корисниците за да ги идентификува сомнителните продавачи за мамење.

Како и кај Google Ads, трендот да се бара од корисниците да го следат системот е загрижувачки кога компанијата има ресурси да ангажира повеќе модератори и експерти за содржини, – забележува Кејти Пол, директор на непрофитниот Tech Transparency Project.

Одговорот е секогаш ист. И Фејсбук и Гугл ни кажуваат да ги пријавиме сите информации, но тоа значи дека овие компании од повеќе милијарди долари го префрлаат товарот на чистење на сопствената платформа за пребарување, која е нивниот примарен мотор за приходи, на корисниците“, – вели Пол.

Клучни зборови: