Рубрика: Автомобилска техника
Нова, петта генерација на Тојота Приус
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 18.11.2022 - 19:00

На 5 декември ќе биде промовирана новата Тојота Приус. Ова е петтата по ред генерација на Приус. Првата беше промовирана во 1997 година како првиот сериски или високосериски автомобил во светот со хибриден погон. За него повеќе е пишувано во ЕМИТЕР 5/2011 – Хибридни погони (2): Првиот сериски HEV – Тојота Приус.

Хибридните погони можат да се разберат од две независни и спротивни стојалишта при што обете се точни. Едното стојалиште е дека хибридниот погон е успешен обид за драстично намалување на потрошувачката на гориво на автомобилите (моторот СВС работи, повремено, во најповолниот режим на работа гледано од аспект на економичност). Другото, сосема спротивно стојалиште е дека автомобилите со хибриден погон се само еден премин од автомобили погонувани со мотор СВС кон потполно електрично погонувани автомобили.

Новиот Тојота Приус, како што кажуваат во Тојота ќе биде исклучително динамичен и многу комфорен и секако, со нов и неодолив дизајн, како екстерен така и интерен. Опремен ќе е со 19 инчни тркала и ќе има поголемо меѓуосовинско растојание што е клучно за поголем комфор и удобност во патувањето. Исто така, ќе има и многу подобри динамички карактеристики. Така забрзувањето од 0 до 100 km/h ќе е за 6,7 секунди.

Погонот за европскиот пазар ќе биде plug-in паралелен хибриден погон со мотори СВС со 103 kW и 144 kW. Ќе има и опција со електричен погон на сите четири тркала. Должината е 4524 mm, ширината 1782 mm а висината 1420 mm.

За европскиот пазар ќе е достапна од пролета 2023 година.

Клучни зборови: