– од outsourcing локација до земја која развива дигитални производи за светски познати компании
Во последните 15 години македонскиот ИТ сектор бележи вртоглав развој. Од времето кога речиси никој не знаеше за Македонија и кога неколку мали компании пружаа услуги по outsourcing моделот за клиенти од Западна Европа и Северна Америка, до тоа да бидеме препознаени како сервисни компании за светски познати компании или како земја со unicorn стартапи кои доживуваат глобален успех вреден милијарди долари.
Извозот на ИКТ услуги од Македонија, само во минатата година се зголеми за 37% и надмина 330 милиони евра. Над 2000 економски активни компании фигурираат во ИКТ индустријата, генерирајќи близу милијарда евра во приходи, од кои 70% отпаѓаат на трошоци, а остатокот е чист профит. Оваа индустрија, која се покажа како најимуна на пандемиските услови и забележа неверојатен раст во тој период, вработува близу 20 000 луѓе и е една од оние со најголеми побарувања на стручни лица за вработување. Индустријата е и прва што го промовираше remote working концептот од почетокот на пандемијата, а кој сега и по укинувањето на пандемиските заштитни мерки останува тренд – да се работи од дома или од каде било во светот.
Тоа беше повод за еднодневната конференција со наслов The Future is Remote: Macedоnia, која се одржа во Аудиокултура во Скопје, а којашто ја организираше Native Teams – македонски стартап кој ги реши многуте проблеми на дигиталните номади, фриленсери и вработени во outsource компаниите во Македонија, а од неодамна и глобално, ширејќи се молскавично во дури 30 земји во светот. Оваа компанија е создавач на платформата која на фриленсерите и на сите кои работат remote, им нуди флексибилни и лесно достапни начини за наплата од интернационалните клиенти, како и услуга за подигнување на тие средства со нивни бизнис АТМ картички, а нудат и услуги за регулирање на нивниот работен статус во земјата во која престојуваат, притоа работејќи од каде било во светот и за кој било клиент или фриленс.
„Work from home и work from anywhere, односно remote work, не се нови пристапи на работа во нашата индустрија. Пандемијата беше само катализатор што ја прошири идејата и начинот функционирање на работа од канцеларија. Се смета дека до 2027 година многу повеќе луѓе ќе работат remote отколку од канцеларии”, – истакна Никола Бубевски, соосновач и заменик претседател на комерцијалниот сектор на Native Teams, личност која ги води сите стратешки проекти на глобално ниво за оваа компaнија.
На конференцијата, говореа претставници на неколку македонски компaнии од оваа индустрија што нижат успеси низ светот, сите од редот компании-нето-извозници, што повеќе извезуваат отколку што увезуваат, со што ја зголемуваат додадената вредност на македонскиот извоз и го намалуваат трговскиот дефицит во размената со странство.
„Одлична е шансата на еден ваков настан да ги споделиме нашите искуства со другите компании, како е да се работи remote и во исто време глобално. Нашата компанија е позната по флексибилноста која им ја дава на вработените да одлучат од каде и како сакаат да работат. Слободата на носење на одлуки на вработените долгорочно се исплати. Оттука, можеби и фактот што сме една од компaниите кои неколку години се наоѓа на листата на најпосакувани компании за работа”, – изјави Ентони Наумоф директор на Cosmic Development. Тој е роден и израснал во Чикаго, САД и е дел од една фантастична приказна на враќање во татковината на неговите родители и стартување на компанија која од мала канцеларија во Скопје пред 11 години, денес има своја глобална мрежа на канцеларии и 100 вработени.
Истражувањата покажуваат дека скоро 60% од вработените во овој сектор сака да го задржи принципот на работа од независни локации, а доколку тоа им биде оневозможено ќе бараат друга работа која тоа го дозволува.
Work from anywhere моделот е тука за да остане, а компaниите кои нема да се прилагодат на концептот, можат да се најдат на маргините во битката за нови таленти.
На конференцијата на оваа тема зборуваше и Игор Маџов, соосновач на Стартап Македонија и директор на Nest Investment. Тој како пасиониран инвеститор и претприемач кој е страствен поддржувач на развојот и експанзијата на македонскиот стартап еко-систем заклучи дека кризите, како претходната со пандемијата или оваа која се најавува и ќе биде економска, само укажуваат колку овој сектор и оваа индустрија се жилави, од аспект на прилагодување. Практично, кризите го поттикнуваат развојот на ИКТ индустријата, зголемувајќи ја потребата од повеќе специјалисти во оваа област.
Предизвици секако има на претек, но она што радува кај оваа индустрија е константниот раст, особено во време на ковид кризата. Имаме и домашни и странски компании на наши адреси, што е најзначајно имаме сè повеќе tech-компании на домашен терен кои работат на развој на напредни технолошки решенија, продукти и софтвери заклучија присутните.
„Remote културата значи и независност, но и комуникација со тимовите. Таа донесе добри нешта, како намалување на трошоците и можноста да се биде на услуга во различни часови заради различни временски зони. Таа овозможи и поинаква мерливост на ефикасноста кај вработените преку алатките кои онлајн работата ги овозможува,” – изјави Михаил Китановски, меѓународен бизнис тренер кој како бизнис и менаџмент консултант работел со над 700 клиенти, во повеќе од 80 различни индустрии.
И колку да е голем растот на ИКТ индустријата од година во година, простор за создавање на подобри услови во државата за овој тип компании секогаш ќе има. Сега го преминавме она прво воведно ниво на развој и мораме да се соочиме со предизвиците кои носат некои сериозни услови во ИТ светот глобално, во кој Македонија веќе сега е дел. Во минатиот период имавме ИТ компании кои развиваа квалитетни производи, но денес меѓу нив имаме глобални лидери во некои домени. Имаме и голем раст на број на стартап компании кои развиваат сопствени производи за големите светски пазари. Тоа значи, дека ИКТ секторот денес во нашата земја создава услуги со голема додадена вредност и врвни продукти за глобалниот пазар, беше заклучено на конференцијата.