Во изминатиот период доста земји од Балканот и пошироко се одлучија да ја модернизираат својата борбена флота со авиони ловци од 3/ 4 генерација. Тоа веќе го реализираа Грција и Хрватска, а неодамна и Србија се одлучи за замена на своите авиони Миг-29 со посовремени.
Неодамна српските портали лиферуваа информација дека српски висок воен функционер престојувал во Грција за да ги провери можностите на францускиот ловец Рафал. Потоа слична информација уследи од хрватски воени аналитичари, а медиумите ја потврдија информацијата. Искрено, по малку зачудува вртењето кон запад за промена на воздухопловната борбена ескадрила, но секако за тоа има и причина. Полека, но сигурно, Србија се приближува кон Европа и НАТО, а поради тоа треба и да се прилагодува да биде компатибилна со воздухопловите од поновата генерација. Србија е една од ретките земји која сè уште се потпира на Миг-29 од руско производство, а со тоа си задава главоболки во намерата да влезе во ЕУ.
Последната информација е дека веќе е во завршна фаза договорот за набавка на 12 користени борбени авони од типот Рафал. Воените аналитичари поставуваат прашање со каква опрема и борбено вооружување тие ќе бидат опремени? Но, тоа го знаат само страните вклучени во преговорите.
Фотографии на Рафал од изложбата во Бурже
Францускиот дневен весник Liberation пишува дека преговорите во врска со деталите за набавка што се одвиваат помеѓу француската Влада и Владата на Србија се сериозни. Рафалите се скапа играчка, па така нова ескадрила од тие воздухоплови може да чини од 2,5 до 3 милијарди евра. Хрватска и Грција засега, се единствените земји на кои Франција се сложила да испорача користени Рафали со значајни попусти.
Една од последните вести е дека српски пилоти веќе направиле пробни летови со авиони од типот Рафал и се очекуваат нивните мислења и впечатоци. За овој авион веќе имаше текст во ЕМИТЕР (види ЕМИТЕР5/05 – Рафал) па тука во продолжение ќе дадеме само мало потсетување.
Споредба на Рафал А и Ц
Рафал (Rafale) e француски повеќенаменски двомоторен млазен ловец од четвртата генерација. Го разви компанијата Марсел Дасо, во соработка со нејзините соработници и концесионери. Авионот се заснова на аеродинамичката шема делта крило, блиско впрегната со канар (canard).
Рафал треба да биде потпора на француското воено воздухопловство и морнарица, како и на традиционалните странски корисници на борбените авиони од Марсел Дасо, за дејства од копно и море во периодот до 2040 година. Наменет за рамномерно извршување на задачи на противоздушна одбрана, надмоќ во воздушниот просторот и дејство од воздух врз цели на земја и во воздух.
Рафал во лет