Утре, на 25 октомври, делумното затемнување на Сонцето ќе може да се набљудува од поголемиот дел од Европа, северна Африка, Блискиот Исток и западните делови на Азија. Кај нас овој настан ќе може да се набљудува од целата територија на Македонија, се разбира ако нè послужат временските услови. Целиот настан ќе трае нешто помалку од два часа.
Делумните затемнувања на Сонцето се случуваат кога Месечината ќе се најде помеѓу Сонцето и Земјата, при што Месечината само делумно го покрива Сончевиот диск. За време на делумното затемнување на Сонцето, Месечината, Сонцето и Земјата не се порамнуваат во совршено права линија, а Месечината го фрла само надворешниот дел од својата сенка, пенумбрата, на Земјата. Од наша перспектива, ова изгледа како Месечината да ‘одгризнува’ дел од Сонцето.
Првиот допир на дискот на Месечината со сончевиот диск ќе ќе се случи во 11 часот и 27 минути. Максимумот на делумното затемнување на Сонцето, кога Месечината ќе покрие најголем дел од сончевиот диск при делумното затемнување ќе се случи во 12 часот и 36 минути, додека крајот на затемнувањето ќе биде во 13 часот и 42 минути кога Месечината ‘конечно’ ќе се ‘одлепи’ од работ на Сонцето. Ако патот намерно или случајно за време на целиот насатн во наведе кон плоштадот Македонија во Скопје, секако побарајте ги претставниците на Скопското Астрономско Друштво коишто најавија дека ќе организираат групно набљудување и следење на делумното затемнување со стручни коментари и описи во врска со тоа што во моментот се случува.
ВНИМАНИЕ: Заштитете ги вашите очи при набљудување на затемнувањето! Никогаш не гледајте директно во Сонцето, без никакви заштитни очила. УВ зрачењето од Сонцето може да ја изгори мрежницата во вашите очи што резултира со трајно оштетување на видот, па дури и слепило. Најдобар начин за безбедно следење на целосното затемнување на Сонцето е да носите специјални заштитни очила за набљудување на сонцето или, пак, да проектирате слика од затемнетото Сонце со помош на едноставен проектор од видот на „камера опскура“ – во средината на едно парче тенок картон со игла дупнете дупка, наместете го картонот да биде поставен нормално на сончевите зраци, а во неговата сенка, на растојание од околу половина метар поставете паралелно на него бел мазен картон (или бела хартија залепена на картон). |
Затемнувања на Сонцето се случуваат 2 до 5 пати во годината и тие вообичаено се именуваат по нивната најтемна или максимална точка. И целосните и прстенестите затемнувања на Сонцето се гледаат како делумни затемнувања од областите на Земјата кои се надвор од внатрешните сенки на Месечината, умбрата или антумбрата, но во внатрешноста на полупросторот (надворешната сенка).
Затемнување на Сонцето може да се случи само при млада Месечина, бидејќи Месечината минува помеѓу Сонцето и Земјата за време на таа фаза на Месечината. Но, не секоја млада Месечина резултира со затемнување на Сонцето. Тоа е затоа што рамнината на орбиталната патека на Месечината околу нашата планета е наклонета под агол од приближно 5° во однос на орбиталната рамнина на Земјата околу Сонцето, еклиптиката. Точките каде што се среќаваат двете орбитални рамнини се нарекуваат лунарни јазли. Затемнувањето на Сонцето се случува само кога мената на млада месечина се случува во близина на лунарен јазол.
Постојат 3 различни фази на делумно затемнување на Сонцето:
• Почеток на делумното затемнување на Сонцето – Месечината почнува да се движи над Сончевиот диск;
• Максимално затемнување – затемнувањето ја достигнува својата максимална магнитуда. Месечината сега покрива повеќе од Сончевиот диск отколку во кој било друг момент за време на затемнувањето;
• Крај на делумното затемнување на Сонцето – Месечината престанува да го покрива Сонцето.
Околу 35% од сите затемнувања на Сонцето се делумни затемнувања на Сонцето, што значи дека тие се случуваат почесто од целосните или прстенестите затемнувања на Сонцето. Поголемата големина на полусенката на Месечината во споредба со нејзината сенка, темниот центар од сенката што создава целосно затемнување на Сонцето, исто така значи дека повеќе места на Земјата ќе доживеат делумно затемнување на Сонцето.