... И сето тоа е благодарение на конвергентната еволуција.
Ако условите на некоја далечна планета овозможиле процут на животот, дали тој живот би бил сличен со овој тука, на Земјата? Ова прашање со текот на годините бележи пораст од контрадикторни еволутивни теории.
Неодамна, во интервју за списанието Science Focus на Би-Би-Си, еволутивниот палеобиолог од Универзитетот во Кембриџ, Сајмон Конвеј Морис, откри дека „со разумна доверба“ смета дека еволутивниот пат што го изнедрил човекот мошне веројатно се повторил и во некои други делови на универзумот.
Идејата е дел од пошироката мислова школа именувана како „конвергентна еволуција“. Таа вели дека случајните мутации што ја водат и ја насочуваат еволуцијата продуцираат, во просек, рамномерен и избалансиран резултат на долги патеки во која било дадена средина, што значи дека мошне веројатно слични организми се развиваат независно еден од друг. Ова, всушност, е забележано и на Земјата, каде што птиците, лилјаците, инсектите и птеросаурусите еволуирале да летаат независно едни од други. Ова важи и за развојот на одредени органи и системи – очите, на пример, можеби независно еволуирале дури 40 пати на Земјата.
„Конвергенцијата е еден од најдобрите аргументи за Дарвиновата адаптација, но нејзината сеприсутност не е доволно ценета“, објаснува проф. Морис. „ Со разумна сигурност може да се каже дека веројатноста за развој на нешто аналогно на човекот е навистина голема. И со оглед на бројот на потенцијални планети [со животни услови] за кои сега имаме добра причина да сметаме дека постојат, дури и ако коцките се склопуваат на вистински начин секое 1 од 100 фрлања, тоа сепак би водело до многу голем број интелигенции расфрлани наоколу, кои веројатно ќе бидат слични на нас“.
Сепак, сите научници не се согласни со оваа теза. Покојниот еволуциски биолог Стивен Џ. Гулд, на пример, тврдеше дека ако можете да ја ресетирате еволуцијата на Земјата, веројатноста за луѓето повторно да постојат би била речиси занемарлива. Космологот Фергус Симпсон, од Универзитетот во Барселона, пак, ја нагласува улогата на големината на планетата при одредувањето на природата на секој потенцијален интелигентен живот што би можеле да го откриеме. Служејќи се со Бајсовата статистика, Симпсон претпоставил дека вонземјаните сосема веројатно се со големина на поларна мечка, ако се има предвид проценката за просечната големина на планетите низ универзумот. Бидејќи Земјата има поголема од просечната големина, ние веројатно ќе бидеме помали од сите вонземјани што некогаш евентуално би ги сретнале. Имено, колку е помала гравитацијата на планетата, толку е поголема веројатноста обликот на живот да порасне поголем.
Сепак, некои научници велат дека ова математичко предвидување има некои сериозни ограничувања. Мајкл Коп, професор на Универзитетот Екс-Марсеј во Франција, смета дека овој статистички аргумент е многу доверлив со оглед на тоа што не е јасно дали луѓето претставуваат случаен примерок од интелигентни суштества.
Но, без разлика дали жителите на некој егзопланета се со големина на бела мечка или не, секако интересно би било да се замисли постоењето на цивилизација слична на човекот некаде во универзумот, оддалечена со милиони светлосни години од Земјата. Дали таквата цивилизација можеби ги поставува истите прашања како и ние, за постоењето на интелигентен живот на некое друго место во универзумот? Со оглед на тоа што НАСА неодамна го лансираше својот амбициозен телескоп Џејмс Веб, кој меѓу другото ќе помогне и во потрагата по знаци на вонземски живот, можеби наскоро ќе имаме подобра идеја за тоа што се крие во длабочините на универзумот.