Во арктичката зона голем дел од деноноќието поминува во самрак, особено зиме. Очите на ирвасите структурно се менуваат за да се прилагодат на оваа полутемнина.
Ирвасите не се ценети само поради нивниот привилегиран однос со Дедо Мраз, поради величествените рогови или поради нивниот грлен крик наменет да ги импресионира конкурентите за време на сезоната на парење. Тие се мошне прилагодени на нивната арктичка средина каде што зимските температури паѓаат до –50°C и каде дневната светлина станува мошне слаба. Нивното густо крзно ги штити од екстремните температури, додека копитата во форма на полумесечина овозможуваат лесно движење низ снежниот пејзаж. Но, како ирвасите се прилагодуваат на слабата осветленост во долгите периоди на зимски самрак? Роберт Фосбери и Глен Џефери од Универзитетскиот колеџ во Лондон открија дека нивните темни, експресивни очи имаат способност физички да се изменат со промената на годишните времиња, што им овозможува да гледаат јасно за време на долгите периоди на самрак.
Во поларните региони, самракот може да трае повеќе од една третина од денот. Затоа, животните што ги населуваат овие средини мора да се навикнат да ловат, да се хранат или да бараат засолниште во услови на полутемница. Но, самракот има и една особеност што го разликува од денот – содржи речиси исклучиво сина светлина, со примеси на многу малку зелена, портокалова или жолта светлина.
При ваков полумрак, нашите очи продолжуваат да функционираат благодарение на стапчестите, фоторецепторни клетки на мрежницата кои обезбедуваат гледање на нијанси од сива и црна боја. Но, очите на ирвасите имаат дополнителна предност – специјално ткиво што функционира како „огледало“ зад мрежницата. Ова ткиво, наречено „tapetum lucidum“ („лесен тепих“), ја зголемува количината на светлина заробена преку рефлексијата на упадната светлина. Бидејќи ова ‘огледало’ странично расфрла мошне малку светлина, ирвасите гледаат посветла, но нешто поматна слика. И покрај оваа загуба на острината, тие имаат многу добра перцепција на визуелните контрасти. Ова им овозможува, на пример, да ги разликуваат црните точки на лишаите на земјата, нивниот главен извор на храна или, пак, да идентификуваат предатор во околината.
Лишај – главната намирница на менито на ирвасите
Со споредба на очните системи од трупови со оние кај живите примероци, истражувачите забележале и структурно ремоделирање на тапетумот врз сезонска основа. Кај вторите тој е составен од многу фини влакна на колаген, најзастапениот протеин кај животните, кој на ткивата им дава механичка отпорност на истегнување. На ниво на тапетумот, овие влакна се наредени во шуплива шестоаголна структура и се потопени во течност што ги исполнува шуплините помеѓу нив. Лете, влакната се потопени во голема количина течност, што има тенденција да ги оддалечи едни од други. Но, во зима, структурата губи половина од својот волумен, просторот во шестоаголникот се намалува, влакната притоа се многу позатегнати и погусто распоредени, со помал простор помеѓу нив.
Намалувањето на волуменот на интерфибриларната течност, а со тоа и растојанието помеѓу влакната во зимскиот тапетум, на тој начин доведува до поместување на спектарот на светлосните бранови должини што овој тепих може да ги рефлектира, воглавно кон длабоко сината светлина! Овој феномен веројатно се објаснува со промената на очниот притисок кај животните. Навистина, интраокуларниот притисок е значително зголемен во зима бидејќи зеницата постојано се шири во услови на слаба осветленост, што го блокира одводот на очите. Според истражувачите, таквата адаптација не би требала да е специфична за ирвасите: сличен систем би требало да постои и кај многу видови од околината на Арктикот, со оглед на тоа што оваа карактеристика носи значителна еволутивна предност.