Шведската кралска академија на науките одлучи да ја додели Нобеловата награда за хемија за 2022 година на Каролин Р. Бертоци, Мортен Мелдал и К. Бери Шарплес „за развој на клик-хемијата и биоортогоналната хемија“
Бери Шарплес и Мортен Мелдал се наградени со Нобеловата награда за хемија за 2022 година затоа што ја внесоа хемијата во ерата на функционализмот и ги поставија темелите на клик-хемијата – каде што спојувањето на составните молекуларни делови се одвива брзо и ефикасно. Тие ја делат наградата со Каролин Бертоци, која ја подигна клик-хемијата на едно сосема ново ниво и ја турна во нова димензија кога почна да ја користи во живите организми, за мапирање на клетките. Нејзините биоортогонални реакции сега придонесуваат за повеќе насочени третмани за рак, меѓу многу други апликации.
Од лево кон десно: Каролин Бертоци, Мортен Мелдал и Бери Шарплес, лауреати од областа на хемијата за 2022 година
Хемичарите долго време се водени од желбата да градат сè покомплицирани молекули. Кај фармацевтските истражувања, честопати ова значи вештачко рекреирање на природните молекули со лековити својства. Иако оваа премиса и потреба доведе до ‘раѓање’ на бројни нови молекуларни конструкции, процесот на нивното создавање генерално одзема многу време и многу пари при производството.
Како што појасни Јохан Аквист, претседател на Нобеловиот комитет за хемија „Овогодинешната награда за хемија се занимава со проблемот на прекомплицирање на работите, и наместо тоа нуди нешто што функционира лесно и едноставно. Функционални молекули можат да се создадат дури и по директен пат“.
Целата работа ја започна Бери Шарплес, за кого ова е втора Нобелова награда за хемија. На почетокот од овој век, некаде околу 2000 година, тој го измисли концептот на клик-хемијата, форма на едноставна и сигурна хемија, во којашто реакциите се случуваат брзо,а несаканите нуспроизводи се избегнуваат.
Набргу потоа, Мортен Мелдал и Бери Шарплес – независно еден од друг – го претставија она што сега е круна на клик-хемијата: азид-алкинскиот циклоадодаток катализиран со бакар (copper catalysed azide-alkyne cycloaddition). Се работи за елегантна и ефикасна хемиска реакција која денес има широка примена. Покрај мноштвото примени, оваа реакција се користи при развојот на фармацевтските производи, како и за мапирање на ДНК и за создавање материјали кои се посоодветни за некоја специфична намена.
Каролин Бертоци ја подигна клик-хемијата на ново ниво. Со цел да ги мапира мошне важните, но тешко достапни биомолекули на површината на клетките – гликани – таа развила клик-реакции кои функционираат во живите организми. Нејзината биоортогонална реакција се одвива без да ја наруши нормалната хемија на клетката. Овие реакции сега се користат на глобално ниво за истражување на клетките и за следење на биолошките процеси. Користејќи ги биоортогоналните реакции, истражувачите го подобрија таргетирањето на фармацевтските препарати за рак, кои сега се тестираат во клинички испитувања.
Клик-хемијата и биоортогоналните реакции ја внесоа хемијата во ерата на функционализмот, од што човештвото ќе има огромна полза.
Сите тројца научници добиваат подеднаков дел од наградата во износ од 10 милиони шведски круни, односно нешто повеќе од 925 илјади евра.