Рубрика: Медицина
Долговечноста кај постарите се сведува на 17 изненадувачки фактори
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.09.2022 - 15:00

Новиот модел за предвидување на очекуваниот животен век кај постарите луѓе се потпира помалку на нивните специфични дијагнози на болести, а повеќе на фактори како што е, на пример, способноста за купување намирници, количината на одредени мали честички холестерол што циркулираат во нивната крв, и дали тие никогаш не пушеле или тоа го правеле само повремено.

Наодите од студијата предводена од истражувачите на Дјук Хелт (Duke Health) нудат начин да се предвиди дали лицето на возраст над 70 години има шанси да поживее две, пет или 10 години. Маркерите би можеле да се добијат при посета на лекар, така што тие би можеле да бидат корисен водич за понатамошната клиничка нега. Според истражувачите, соодветната примена на овие мерки би можела да помогне да се утврдат придобивките и потешкотиите што ги носат скрининг тестовите и терапирањето на постарите луѓе.

Научниците го започнале нивното истражување во погодно време, откако добиле пристап до податоците од 1500 примероци на крв од лонгитудинална студија од 1980-тите во која учествувале постари луѓе. Зачуваните примероци биле земени во 1992 година кога учесниците имале најмалку 71 година, а потоа биле складирани во NIH. Тие биле планирани за уништување, но истражувачите пристигнале на време за да ги пренесат за анализа во Дјук. Примероците од крв имале дополнителна поволност што биле земени во време кога сè уште нема широка употреба на лекови од типот на статините, кои би можеле да ги пореметат резултатите. Дополнителна среќна околност е тоа што учесниците во споменатата студија беа следени неколку години откако им била земена крв и притоа пополнувале прашалници за нивните здравствени истории и навики.

Искористувајќи ги сите поволности од постарата студија објавена во списанието eBioMedicine, истражувачите можеле за анализа на податоците да ги применат сегашните софистицирани аналитички алатки. Така истражувачите добиле можност да ‘пробуричкаат’ низ здравствените фактори што влијаат врз долговечноста идентификувајќи јадро од 17 предвидливи променливи кои имаат причинско влијание врз неа.

Анализата покажала дека водечки фактор поврзан со долговечноста за секоја од зацртаните ‘станици’ на студијата – две, пет и 10 години откако на учесниците им бил земен примерок од крвта – била физичката функција, дефинирана како способност да се купуваат намирници или да се чисти куќата. Изненадувачки, дијагнозата за рак или за срцеви заболувања не била меѓу главните фактори што предвидувале долговечност.

Кај постарите луѓе кои поживеале две години по моментот кога им била земена крвт, водечки фактор поврзан со долговечноста било изобилството на липопротеини со висока густина (HDL) холестерол – и тоа не било какви HDL липиди, туку големи количини на многу мали HDL честички. Ова ги изненадило научниците кои претпоставувале дека овие многу мали HDL честички се со големина што е најдобра за чистење на ендотоксинот, моќна молекула што предизвикува воспаление од цревните микроби, од крвотокот [VBKMP1]. Како што објаснуваат тие, кога честичката е мала таа може мошне добро да се протне низ длабинатините и пукнатините од клетките од каде може да го отстрани лошиот холестерол, така поголемата количина вакви клетки би требало [теоретски] да обезбеди заштитна придобивка.

Кај оние што живееле уште пет години по првобитното земање крв, само помладата возраст била предвидлив фактор за долговечноста, заедно со когнитивната функција. Додека кај оние што поживееле најдолго, 10 години по земањето на примерокот со крв, најдобар индикатор била историјата на пушење, а непушачите поминале најдобро.

Следната фаза од истражувањето би била користење на дополнителни аналитички алатки за да се подобри предвидливоста и да се идентификуваат потенцијалните цели за терапии.

Клучни зборови: