За време на водечката меѓународна конференција за паметни технологии и уреди Ubicomp и ISWC 2022 во Англија, македонски тим од научници и инженери заедно со своите англиски колеги од Emteq Labs, се здобија со прва награда за најдобра демострација на иновативна технологија – паметните очила OCOSense. Победничката демонстрација покажува паметни очила што преку иновативни сензори и вештачка интелигенција ги препознаат изразите на лицето, за потоа да дадат информации за емоционалната сосојба и однесувањето на корисникот што ги носи.
Македонскиот тим од научници и инженери кои се вклучени во создавањето на наградените алгоритми за ВИ во Emteq Labs, го сочинуваат: д-р Христијан Ѓорески, д-р Мартин Ѓорески, м-р Ивана Кипријановска, м-р Симон Станковски, Филип Панчевски и Бојан Софрониевски.
Тимот на Emteq Labs со наградата за најдобро демо на Ubicomp 2022
Д-р Христијан Ѓорески, вонреден професор на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии (ФЕИТ/УКИМ) и водечки научник за ВИ во Emteq Labs, со ентузијазам говори за следните чекори во развојот на очилата OCOSense – „Ова е втора година по ред како Emteq Labs со своите решенија ја добиваат првата награда на конференциите Ubicomp и ISWC. Ова научно признание е голема мотивација за нашиот млад, но силен тим на истражувачи за вештачка интелигенција“.
Д-р Чарлс Ндука, извршен директор и водечки научник во Emteq Labs, изјави: „Оваа технологија е првата платформа за препознавање на изрази на лицето, човечки активности, и однесување во светот. Познат како „Fitbit за чувства“, OCOSense наскоро ќе биде достапен за сите истражувачи. Многу корисници ќе имаат корист од можноста за следење на далечина на домашен третман или медицинска терапија, вклучувајќи ги луѓето со депресија, Паркинсонова болест, парализа на лицето, и други слични состојби.”
Презентација за време на Ubicomp – Ивана Кипријановска, Data Scientist во Emteq Labs
Демонстрациите во живо на технологии и решенија за носење (т.н. wearables) се составен дел од конференцијата UbiComp/ISWC. Во рамките на конференцијата учесниците имаат можност да ги прикажат своите прототипи и комерцијални производи на пошироката публика и медиумите. Интердисциплинарното поле на истражување “Сеприсутни Технологии” (анг. Ubiquitous computing) употребува и интегрира безжични, вградени и/или мобилни технологии за носење, со цел да ги премости границите помеѓу дигиталниот и физичкиот свет. Конференцијата UbiComp/ISWC обединува врвни истражувачи заинтересирани за ова научно поле.
Целата приказна на македонскиот тим започна со основањето на компанијата АИДЕА Лаб од страна на Христијан и Мартин Ѓорески, и со создавање на иновативна платформа за следење на здравјето со помош на ВИ – mAIHealth. Потенцијалот на платформата го препозна англиската компанија Emteq Labs, којашто се одлучи да ја инкорпорира платформата, но и целиот тим од Македонија во нивната компанија. Со тоа, АИДЕА Лаб стана главниот хаб за ВИ и аналитика на Emteq Labs.
Emteq Labs развива технологија за препознавање на емоции и овозможува аналитика во реално време. Очилата OCOsense претставуваат сè-во-едно решение за снимање на сензорски податоци и за означување на сензорските податоци користејќи одговори на корисниците. OCOsense може да се користат во реалниот свет или во проширената реалност. Паметните очила OCOsense може да се купат онлајн на https://www.emteqlabs.com/ocosense.
Ubicomp е врвна конференција за Сеприсутни Технологии. UbiComp 2022 се организира заеднички со меѓународниот симпозиум на ACM за компјутери што се носат (Wearable Computers) – ISWC’22.