Американскиот суд во средата пресуди дека компанијата Мета треба да плати 174,5 милиони долари за кршење на патентните права што се однесуваат на функцијата за пренос во живо во рамките на нејзините платформи Фејсбук и Инстаграм. Решенијата што овие апликации ги користат биле развиени од поранешен припадник на американската армија, кој ги осмислил како своевидна ‘закрпа’ за недостатоците во комуникацијата на бојното поле.
Федералниот суд во Тексас пресуди дека правните документи покажале дека функциите „во живо“на Фејсбук и на Инстаграм користат технологија патентирана од Воксер (Voxer), компанија кооснована од Том Кетис. Мета сепак најавува дека ќе се жали на оваа одлука и дека ќе се повикува на некои олеснителни околности.
Том Катис служел како наредник за комуникација на специјалните сили во Авганистан, се вели во судските поднесоци. Кога неговата борбена единица била нападната од заседа во провинцијата Кунар, тој почувствувал дека системите за координација на засилувањето, медицинската евакуација и другите операции „биле несоодветни [за примена] при временски чувствителни комуникации со повеќе групи во многу вознемирувачко опкружување“, се вели во жалбата. Па така “г. Катис и неговиот тим во 2006 година почнале да развиваат комуникациски решенија чијашто цел била отстранување на овие недостатоци“, велат неговите адвокати. Новите технологии овозможиле непосреден пренос на аудио и видео разговори со доверлива комуникација во живо којашто нудела и мошне практича размена на пораки.
Во 2011 година Фејсбук се обратил до компанијата Воксер базирана во Сан Франциско, за потенцијална соработка, откако тие ја лансирале апликацијата Walkie Talkie. Но, според достапните правни документи овие разговори не вродиле со плод и не бил постигнат никаков договор.
Наместо тоа, како што се вели во тужбата, Фејсбук продолжил со лансирање на Facebook Live и Instagram Live, инкорпорирајќи ја технологијата на Воксер во нивните функции.
Интересно е што ова решение на американскиот суд е спротивно на решението на судот во Обединетото кралство во 2021 година. Имено, Високиот суд на ОК пресудија дека Фејсбук и Инстаграм не ги прекршиле патентните права на Воксер.