Со задоволство и голема возбуда денес објавуваме уште едно важно достигнување во македонската радиоаматерска историја. Воспоставена е првата двонасочна телевизиска (ATV) врска со микробранови помеѓу Дејан Трајковски (Z31RQ/P) и Николче Z32TW/P, во присуство на Кирко, Z33B како сведок.
Врската е одржана на SHF подрачјето, на 10 GHz, односно со 3-сантиметарски радиобранови, со фреквентно модулирана аналогна телевизија (модулација и вид на емисија: F3F). Двете станици работеа од портабл – Николче работеше во близина на Џепането, Тумбе Кафе, а Дејан од паркингот пред тунелот кај Германски гробишта (Битола). Растојанието помеѓу двете станици изнесува 2350 m и претставува почетен рекорд на 10 GHz ATV. Чекаме потврда дали се работи и за прва АТВ врска воопшто во нашата земја.
Видео од емисијата на тест слика (со звук) од Германски Гробишта, примена на локацијата на Николче на Тумбе Кафе.
Дејан, Z31RQ, на локацијата кај Германски гробишта, Битола (лево)
Николче, Z32TW и Кирко, Z33B, на локацијата кај Џепането. Таму имаше убава сенка и беа во заветрина, па немаа ни температурен дрифт ни нарушување на сликата, за разлика од кај Дејан. (десно)
Опремата работеше без проблеми и врската беше рутински комплетирана, иако пред два дена имавше еден неуспешен обид поради проблеми со напојувањата (инверторите). После завршувањето на задолжителниот дел од врската (размена на рапорти за видео и аудиосигналот, потврда на приемот, поздрави и благодарност), што беше извршено со компјутерски генерирани видеа, учесниците се вклучија во живо со камера и микрофон.
Профил на трасата од Тумбе Кафе до германски Гробишта
Трасата на телевизиската врска од Џепането, Тумбе Кафе (Z32TW/P), до Германски Гробишта (Z31RQ/P).
Да видиме прво што НЕ претставува оваа врска. Ова не е контакт преку Фејсбук, Вајбер, Скајп, WiFi, 3G или било каква Интернет или телефонска врска. Се работи за класичен телевизиски пренос на подвижна слика и звук (видео и аудио) преку радиобранови и тоа на 10-гигахерцно подрачје, со апаратура од сопствена изработка.
Испратената тест слика на Николче примена на локацијата кај Германски гробишта (лево)
Николче потврдува прием на рапортот од Дејан (R) и истовремено испраќа свој рапорт на Дејан (P5 за слика и S9 за тон) (десно)
Телевизијата претставува е веќе трет проект на проф д-р Дејан Трајковски на подрачјето на микробрановите, по првата врска со ФМ телефонија на 10 GHz и сателитските врски на 2,4/10 GHz преку сателитот Es'Hail2 QO-100 што се наоѓа во геостационарна орбита. Во завршна фаза се уште два проекти, што треба да бидат тестирани во текот на есента или зимата.
Дејан работеше на овој проект уште од Нова година, запаѓајќи многупати во ќорсокак, бидејќи информациите стануваат сé пооскудни, со оглед на тоа што радиодифузната аналогна телевизија е исклучена во светски рамки уште од 2009 година. Иако како нареден чекор Дејан најавува освојување на дигиталната телевизија, овој меѓучекор мораше да се помине заради стекнување на неопходните знаења.
Николче прима конечна потврда на врската, поздрави и благодарност. Поглед од кај Џепането преку градот до локацијата кај Германски гробишта.
Од опрема е користено следното.
На предавателната страна:
• медија плеер и DVD плеер за генерирање на композитниот видео и аудио сигнал;
• Аналогна камера и микрофон со засилувач за генерирање на видео и аудио сигнал во режим на директен пренос „во живо“;
• AV селектор, за избор на медија плеер или камера со микрофон – еден вид најпроста видеомонтажа;
• Аудио/видео модулатор. Се состои од филтер за преемфазис на композитниот сигнал, засилувач на аудио сигналот, фреквентно модулиран осцилатор на 6,6 MHz на носителот на аудио сигналот, мешач на композитниот видео сигнал со ФМ модулираниот носител на аудио сигналот, излезен степен;
• Модул HB-100 на 10 GHz што фреквентно се модулира со помош на модулаторот. Истиот има сопствена 2-елементна планарна антена, што служи како илуминатор на главната антена – параболичниот рефлектор – и се наоѓа во нејзиниот офсет-фокус. Заради максимална линеарност модулот работи на само 3,65 V и има моќност од само 3 mW!
• Антената е параболичен рефлектор со офсет-фокус и оски 90 и 80 cm и засилување од 36 dBi на оваа фреквенција. Истата има нишански справа за прецизно ориентирање (до 1 степен) по азимут и елевација со помош на компас и инклинометар.
• Столб-троножец со висина 150 cm, мерено до точката на монтажа на антената.
Завршната релација на врската, кадешто Дејан испраќа потврда на приемот на рапортот (RR), и поздрав (73) и благодарност за врската (TU), заедно со неговиот повикувачки знак Z31RQ/P.
На приемната страна:
• LNB даунконвертор со стандарден (за сателитска телевизија) локален осцилатор на 9750 MHz, во фокусот на парабличниот рефлектор. Терестријалниот сигнал на 10,468 GHz го конвертира на прва меѓуфреквенција од 718 MHz;
• Атенуатор 10 dB и Bias-T за напојување преку доводниот кабел;
• Приемен апконвертот SUP-2400, којшто првата меѓуфреквенција од 718 MHz ја конвертира на втора меѓуфреквенција од 1682 MHz. Овој конвертор работи во супрадински мод (локалниот осцилатор има фреквенција 2400 MHz, односно повисоко од првата меѓуфреквенција. Ова е многу важно, бидејќи го менува поларитетот на видео сигналот, којшто е еднаш инвертиран во предавателниот модул HB-100, којшто има негативна напонско-фреквентна карактеристика. Доколку зависноста беше позитивна, втора конверзија со SUP-2400 немаше да биде потребна, но затоа фреквенцијата на локалниот осцилатор на LNB даунконверторот мораше да биде 9000 MHz. Имам и таков, еден кинески воен LNB, доколку се користи предавател со позитивна напонско-фреквентна карактеристика.
• Аналоген сателитски рисивер, стар преку 20 години. Прима на втората меѓуфреквенција од 1682 MHz, што спаѓа во дијапазонот на стандардните сателитски рисивери. Го демодулира ФМ сигналот и дава композитен видео и аудио сигнал. Инаку, според конвенција сателитската аналогна телевизија и терестријалната аналогна телевизија на микробраново подрачје (над 1 GHz) мораат да бидат фреквентно модулирани. Поради тоа беше користен и стандарден аналоген сателитски рисивер;
• ТФТ монитор (7,5") за композитниот видео сигнал;
• Звучна кутија, со сопствен засилувач на аудио сигналот, сопствено напојување и звучник, за емитување на аудиосигналот;
• Дигитален видеорикордер (DVR) за снимање на примениот сигнал (но сепак тој не беше користен при овој пренос, туку снимките во живо беа правени со мобилен телефон).
За напојување се користени:
• оловни акумулатор со напон 12 V и капацитет 20 Ah и 44 Ah;
• разводна кутија за 12, 9 и 5 V и разни спојни кабли;
• Инвертер 12 VDC /220 VAC (УПС) за напојување на сателитскиот рисивер. Се покажа дека обичен инвертер нема доволно стабилна фреквенција од 50 Hz, што е важно за правилна работа на рисиверот.