Светот го бележи најмалиот број пријавени смртни случаи како последица од ковид-19, од март наваму, додека ширум светот се исчекува на одобрувањето на новите вакцини засновани на подсојот на Омикрон од страна на здравствените власти. Оваа новонастаната ситуација го поттикна шефот на Светската здравствена организација да изјави дека “крајот на пандемијата е на повидок”...
„Никогаш не сме биле во подобра позиција да ставиме крај на пандемијата. Сè уште не сме пристигнале дотаму. Но, крајот се наѕира“, изјави во средата генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Д-р Тедрос истакна дека владите треба да продолжат да градат стратегии за справување со пандемијата и спречување на понатамошното ширење на инфекцијата. Иако е забележан пад во бројот на заразени и во бројот на смртни случаи како последица од ковид, СЗО ги смета моментално пријавени бројки како „најдобар случај“ – каде мошне веројатно е дека повеќето влади не ги пријавуваат сите случаи.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус
Во насока на што побрзо надминување на пандемиската состојба, Тедрос ги повика владите целосно да ги вакцинираат сите ризични групи, вклучително и здравствените работници и постарите луѓе, да продолжат со тестирање и секвенционирање на SARS-CoV-2 и на другите респираторни вируси, како грипот на пример, и да ги планираат идните бранови.
Досега СЗО потврдил над 600 милиони случаи на ковид-19 и речиси 6,5 милиони смртни случаи. Со ова стапката на смртност е нешто поголема од 1%.
Вакцините од следната генерација од Модерна и Фајзер моментално се под опсервација во многу земји. Овие вакцини делумно се засновани врз “шаблонот” Omicron BA.1, обезбедувајќи зајакнат имунолошки одговор против тековните циркулирачки подсоеви. Другите експерти од СЗО им препорачаа на владите во светот да започнат со планирање на сценарија за идни епидемии со ковид-19, но и други потенцијални појави на епидемии. Додека во изминатите две години новиот вид коронавирус ги окупираше ресурсите на властите, појавата на два клада (група организми за кои се смета дека еволуирале од заеднички предок) на мајмунските сипаници во некои делови од светот, укажаа на потребата да се обрне повеќе внимание на појавата на нови патогени.
„Сметам дека е многу разумно земјите да градат сценарија за иднината“, рече извршниот директор на Програмата за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан. „Ќе мора да одржуваме високо ниво на будност. Сè уште имаме многу променлив вирус кој еволуира, кој во текот на последниве две и пол години ни покажа, одново и одново, како може да се прилагоди, како може да се промени“.
Во октомври СЗО ќе се состане за да утврди дали ковид-19 сè уште претставува здравствена вонредна состојба од меѓународен интерес.