Потрошувачко општество е своевиден модерен општествен феномен кој денеска предизвикува многу контроверзи. Оправдани или не тоа е веќе друго прашање. За мене овој феномен воопшто не е дискутабилен, е оправдан и ќе се обидам тоа да го докажам во текстот кој следи.
Ќе започнам од самите почетоци на индустриската револуција и раѓањето на индустријализацијата или занаетите. Релациите биле следни: по индустриската револуција имаме појава на индустриски производи кои во суштина се ефтини во споредба со занаетчиските производи и задоволуваат човекови секојдневни потреби и тоа доста успешно и пак во споредба со занаетчиските производи. Пазарот е гладен за нив, а проблемот е само во продукцијата. Едноставно, фабриките не можеле да префтасаат со нарачките. За екологијата не се ни помислувало и тоа била непозната релација оти нивниот обем (количина) бил минорен. Фокусот бил закован на релацијата производство-задоволување на некоја потреба и тука се барале решенија и modus vivendi. Во самото производство основната релација била намалување на цената на чинење на производот а самиот феномен на задоволување на некоја човекова потреба е факт сам за себе тесно поврзан со иновациите. Клучот бил во тоа само да се произведе некој производ по што помала цена на чинење и само тоа бил предизвикот. И едноставно, прикаската тука завршува.
Но што се случува денес? Науката и технологијата толку се напреднати што денеска веќе не е некој голем проблем да се произведе некој производ. Фабрики имаме на секој чекор. Потоа, самата цена на чинење на новиот производ е релативно ниска. Тоа повлекува состојба во која секој граѓанин може да си приушти производ за задоволување на некоја своја потреба а тоа пак повлекува масовно или високосериско производство (во општ случај). И тука се раѓаат новите современи проблеми. Први се еколошките проблеми, т.е. загадувањето на природата. Потоа други проблеми се сировините за новите производи. Трети проблеми се од сферата на потрошувачката на енергија и за самото производство на производот во фабриките но и при нивната експлоатација. Проблемите се усложнуваат од многу аспекти. Едноставно сè ова води кон колапс на системот! На потег е науката, впрочем како и секогаш во слични или исти ситуации. Науката и технологијата секојдневно изнаоѓаат начини за што побезбедно и со помалку трошоци организирање на ново производство кое ќе продуцира нови, современи и модерни производи кои помалку трошат енергија, употребуваат еколошки материјали за нивната градба и воопшто материјали кои ефтино се рециклираат по завршување на работниот век на производот. При ова природата се зачувува и покрај тоа што производите се масовни по нивниот број, т.е. се секому достапни. И ова е круг кој постојано се усовршува и секојдневно на пазарот се нудат се посовршени производи. Значи, науката и технологијата не мируваат и секојдневно нудат нови и подобрени методи на производство и екслоатација на нови производи. Е токму сега е клучниот момент во овој осврт. Имено, посовршените производи мора час поскоро да ги заменат старите, за новото време неефикасни производи иако тие како-така си ја бркаат својата работа. Ова е основната идеја за спас на планетата Земја и чување на нејзините ресурси а тоа индирекно е и влог во спас од самоуништување на човештвото. И нормално, не се бираат средства тоа да се оствари. Сè+ почнува уште од конструкторската табла каде треба да биде задоволен условот новиот производ да не трае повеќе од неколку (најчесто 5) години. Потоа, резервните делови се изгор скапи а често и ги нема. Следува и најинтересниот и најефикасниот услов а тоа е да не се испорачуваат и воопшто произведуваат резервни делови по истекот на 5 години од појавата на производот. Логиката е јасна: купете си нов производ кој е поефтин, поекономичен и поусовршен. И тоа е во ред. И на полето на маркетингот се прават натчовечки напори во оваа насока како купување на производот на лизинг, на кредит и други поволности како две или пет годишна гаранција. Не изостанува и современиот феномен на контролирана инфлација (до 4% на годишно ниво) од страна на државата која идеја е кај потрошувачите да се всади мантрата некој производ денес да се купи затоа што утре би бил поскап. Едноставно, со сите сили се форсира феноменот на купување на нови, поекономични, еколошки поприфатливи и посовршени производи со единствена цел а тоа е да се спаси планетата Земја од катастрофа и самоуништување. Некои тоа го викаат потрошувачко општество. Да, тоа е потрошувачко општество.
Меѓутоа, феноменот потрошувачко општество нема негативен контекст. Едноставно, како човештво принудени сме на такво однесување. Негативен контекст на овој феномен има кај носталгичарите, нагласените емотивци и сите оние кој не сакаат доживотно да учат во смисла да ги користат новите производи со образложение дека и старите производи добро им функционираат. Да, функционираат, но како? Еколошки неприфатливо, старовремски и со примитивна технологија и т.н.. Секако голема среќа е што ова се маргиналци кои само дигаат прашина и го забавуваат народот и потрошувачите.
Докази за оправданоста на феноменот на потрошувачко општество има на секој чекор и во сите сфери. Ќе наведам како реторика само два. Првиот е: дали денеска би возеле Фичо или Застава 1300? Потоа, дали денеска за вашиот компјутер би го користеле оперативниот програм Windows 98? Помош во доказот: и во двата случаи производите добро си ги вршеа своите улоги! Што стана? Која Сатана ги замрси конците? Убаво си беше! Таман ги научивме од сите аспекти старите добри производи и оп! – пак наново да учиме со нивните нови наследници!