Во последниве две-три децении расипаните уреди најчесто не се поправаат, туку се заменуваат со нови. Но, дали некој се запрашал како оваа практика, поттикната од капитализмот и од консумеризмот, се одразува на еколошки план?
Денешните апарати од белата техника, што најчесто содржат електроника и микроконтролери, од производителите добиваат сервисна поддршка и резервни делови за 5, евентуално 7 години. По истекот на овој сервисен период, за уредите веќе нема делови или нивната набавка е прескапа, па најчесто тие не се поправаат. Луѓето ги фрлаат во отпад и купуваат нови, подеднакво скапи или дури поскапи уреди.
Производителите тоа го прават намерно, за да можат постојано нешто да произведуваат и да продаваат, но исто така за да има работа за нивните вработени. Типична слика на потрошувачкото капиталистичко општество.
На прв поглед, сите се задоволни – има работа за работниците, потрошувачите купуваат понов модел (друга работа е дали тој навистина им треба), а сопствениците на капиталот создаваат нов профит.
Но, дали некој се запрашал колку природни ресурси се неповратно уништени за да се произведе едно материјално добро? На пример, при процесот на производство на еден автомобил во атмосферата се испуштаат од 2 до 4 тони јаглерод диоксид (!), од тоа најголемиот дел при процесот на производство на лимовите, но исто така и за добивање на електрична енергија од фосилни горива за потребите на производството. Тоа се околу 3000 кубни метри гасови, за чиешто прочистување се потребни стотици дрвја и прашање е дали ќе успеат да ги прочистат. Рудниците од каде што се ископуваат рудите на металите, исто така, ја загадуваат водата и почвата, и тоа неповратно.
Истиот проблем се однесува и на производите од белата техника. Заради еден банален електронски дефект на отпад се фрла машина од педесетина килограми железарија, за чиешто производство се нанесуваат огромни и непоправливи штети на природната средина.
Тоа е второто лице на капитализмот и консумеризмот. Дали овие неповратни штети на природата се вредни за дополнителниот профит на газдите, за задоволувањето на суетата на потрошувачите, па дури и за вработеноста во индустријата, која со малку повеќе памет и помалку алчност би можела да се преориентира на други, помалку штетни производства и давање услуги?
********
Бонус видео на оваа тема