Група истражувачи од Универзитетот Јеил идентификувале агенси кои се способни селективно да ги таргетираат туморските ткива, истовремено не наштетувајќи им на здравите. Се чини дека методот е ефикасен во третирањето на глиобластомите (GBM), најагресивната и најчеста форма на рак на мозокот кој има 60% застапеност од сите мозочни тумори и средно време на преживување од само 10 месеци.
„Петгодишната стапка на преживување за пациентите со глиобластом е 5%“, истакнува Сет Херсон, еден од авторите на студијата што беше неодамна објавена во Science.
„Еден од главните проблеми при лекувањето на глиомите е тоа што пациентите брзо развиваат отпорност на темозоломид“, објаснува еден од авторите, Ранџит Биндра, притоа мислејќи на антиканцерогеното средство кое го содржат повеќето антиглиоматски лекови што се користат во последниве дваесет години. Отпорноста се должи на генетските мутации што се јавуваат по околу една година од употреба на лекот, а кои лекот го прават ‘невидлив’ за телото, истовремено правејќи ја и хемотерапијата залудна, при што во повеќето случаи резултатот е смрт.
Глиобастомите се најтешката и најчеста форма на глиоми, тумори кои се развиваат од глијални клетки во централниот нервен систем и можат да влијаат и на мозокот и на 'рбетниот мозок (на сликата, 3D илустрација на клетките на туморот на мозокот).
Истражувачите се обиделе да ги идентификуваат антиканцерогените агенси што би можеле да ја избегнат отпорноста на овој лек. За да го остварат тоа, тие се послужиле со карактеристиката типична за повеќе од половина од глиомите – губењето на MGMT, специфичен протеин одговорен за репарацијата на ДНК.
Со ползување на оваа „слаба точка“, новите агенси се во состојба селективно да ги таргетираат туморските ткива, нанесувајќи многу мала штета на ДНК-та, така што здравите клетки (кои го содржат MGMT протеинот) сè уште можат да ја поправат, додека клетките на туморот (кои не содржат MGMT) подоцна умираат.
Ова откритие, кое според истражувачите „ги редефинира правилата за тоа како да се таргетираат клетките на ракот“, би можело да се примени и при третирањето на другите видови рак. Следниот чекор е да се проучи дали овој метод може да се имплементира како терапевтска стратегија за таргетирање на различни видови рак.