Научниците откриваат зошто луѓето склони кон параноја и лековерност, како и оние што имаат потреба од доминација или чувство на посебност, е многу поверојатно да веруваат во теории на заговор. Сиве овие појави се тесно поврзани со нарцисоидните особини на личноста.
Врската помеѓу нарцизмот и приврзаноста кон верување во теории на заговор е веќе утврдена во научните истражувања од областа на психологијата, како што известуваат колегите од хрватски Bug. До денес најмалку три студии ја поврзуваат оваа карактерна особина со верувањето во ненаучните теории – кои се движат од рамна Земја до разно разни медицински „теории“ поврзани со пандемиското ширење на коронавирусот. Така, нарцизмот стана мошне добар показател за веројатноста дека некоја личност ќе верува во таквите приказни за заговор, а истражувачите од Универзитетот во Кент, Кембриџ и од Полската академија на науките истражија зошто токму луѓето со нарцисоидни особини на личноста почесто веруваат во теории на заговор. Резултатите од нивното истражување беа објавени неодамна во списанието Science Direct (Current Opinion in Psychology).
Што американците сметаат дека нивната влада прикрива (истражување од 2016 година)
Како особина научниците го расчленија нарцизмот на три компоненти – антагонизам, екстровертност и невротичност, при што претпоставија дека секоја од овие особини може да ги доведе луѓето до приклонување кон теории на заговор поради различни психолошки процеси. Тие откриле дека клучните психолошки механизми – паранојата, лековерноста, потребата за доминација, контрола и чувството на уникатност или посебност – играат улога во сè. Луѓето кои веруваат во теории на заговор е поверојатно да поверуваат дека другите заговарале против нив и дека имаат зли намери, а исто така тие имаат тенденција и да ги обвинуваат другите за нивните неуспеси, нешто што теориите на заговор во целост им го овозможуваат – да ја префрлат целата вина за нивниот неуспех на “оние другите“ со позиции на моќ кои создаваат глобални заговори и манипулираат со човештвото.
Нарцисоидноста се покажала како присутна и кај оние што биле членови на групи кои биле занесени по такви теории. На луѓето од овие групи им се дава важност, тие имаат чувство дека се членови на важен „клуб“ кој единствен во светот има пристап до доверливи информации, па ова им овозможува да се чувствуваат посебно.
Потребата за ова чувство е тесно поврзана со нарцизмот, но и со теориите на заговор. Претходните истражувања исто така покажале дека постои поголема веројатност таквите луѓе да бидат лековерни, што исто така ја зголемува веројатноста тие активно да се вклучат во ширењето на различни теории на заговор.
Покрај индивидуалниот нарцизам, истражувањата покажале дека и колективниот нарцизам претставува фактор кој одредува колку некому ќе му бидат привлечни теориите на заговор. Овој феномен го зголемува верувањето на поединците дека целата нивната група е исклучителна и дека заслужува посебен третман, а е поврзан, на пример, со верувањата во заговори околу вакцината за COVID-19 или за климатските промени.
Како заклучок, авторите на споменатиот труд велат дека импликациите од нивните наоди се многу важни и за политичкиот живот. Нарцисоидните луѓе почесто се кандидираат на избори, поприсутни се помеѓу високите политичари, па може да се очекува дека сè повеќе владетели ќе бидат вклучени во разни теории на заговор, особено за време на избори, што придонесува за моќта и влијанието на овие теории. Авторите на крај ја изразуваат својата загриженост поради тоа, бидејќи одредени теории на заговор можат да бидат многу штетни за општеството.