Би сакал да споделам едно искуство со поправка на машина за перење Електролукс EWF 12483W, но истиот проблем се јавува кај многу од современите апарати за домаќинство – машини за перење и сушење алишта, машини за миење садови, фрижидери, ладилници за вино и пиво – со еден збор сите апарати што содржат електроника и добиваат еднонасочна струја од SMPS (Switch Mode Power Supply) извор.
Пред неколку дена, без никаква причина машината едноставно не можеше да стартува – беше целосно мртва, односно не можеше да се вклучи ниту во дијагностички режим на работа. Јасно беше дека откажала единицата за напојување. Производителот има мошне детално сервисно упатство со алгоритми за дефекти, но во овој случај сè укажуваше само на едно: замена на електронската плоча! Бидејќи машината веќе има 12 години, на сајтот на производителот повеќе не се нудат вакви плочи за продажба. На Ибеј (eBay), пак, тие се наоѓаат по цена од околу 200 американски долари плус поштарина, а згора на ова еден сервисер за неговата работна рака би зел уште којзнае колку илјадарки. Започна да ми се темни пред очите. Фрлањето 20 000 денари за поправка на едно напојување не беше никаква опција, па веројатно затоа многу луѓе за еден ваков банален дефект купуваат нови апарати.
Како било да било, ја отворив машината и некако дојдов до електронската плоча, иако отворив и извадив повеќе делови отколку што треба. Подоцна во сервисното упатство видов дека има и релативно поедноставен начин за расклопување, што е добро да се знае за друг пат, за ‘не дај Боже’. Навидум плочата беше како нова, на неа немаше ништо нагорено. Омски, само отпорникот R93 беше во прекин, а интегрираното коло LNK-304GN имаше многу мал отпор (само 11 ома) помеѓу дрејнот и сорсот. Јасно беше дека овие два дела се прегорени и дека е потребна замена. Надеж ми даваше тоа што SMPS напојувањето беше во флајбек конфигурација, па флајбек трансформаторот обезбедува галванско раздвојување од остатокот на електрониката, вклучувајќи го и микроконтролерот.
Пребарувајќи на интернет сфатив дека овој дефект е многу чест, но никој не знае зошто тој се случува и тоа одненадеж. Патем открив дека електролитскиот кондензатор C31 од 10 µF/400V го имаше изгубено капацитетот, веројатно поради стареење. Поради тоа колото не добиваше минимален еднонасочен напон од 80 V, туку пулсирачки напон, што веројатно беше причината за горење на колото LNK-304GN.
Диодата 1N4007 не беше прегорена, иако се работи за мошне ситна СМД компонента. Исто така и флајбек трансформаторот изгледаше добро, со отпор од 8 ома на примарот и околу 1 ом на секундарот, што е нормално за толку мали напони (5 и 12 V) на излезот.
Поправката беше релативно едноставна, а се сведе на замена на отпорникот R93 од 47 ома, електролитскиот кондензатор C31 од 10 µF и на интегрираното коло LNK-304GN. Вкупна цена на трите компоненти: 148 денари. Отпорникот R93, којшто оригинално има отпор 47 ома (2W) не е воопшто критичен и може да има било каква вредност од 22 до 47 ома. Тој има многу важна улога и претставува еден вид осигурувач. Поради него немало никакво нагорување и уништување на плочата.
Интегрираното коло LNK-304GN го заменив со LNK-306GN, коешто е компатибилно пин за пин, но дава двојно поголема струја и моќност – наместо 1,44 W може да даде речиси 3 W, така што во иднина би требало добро да издржи. Иако ефикасноста на SMPS напојувањата е преку 80%, сепак, поради слабото ладење на СМД компонентите (нема никакво дополнително ладење освен преку куќиштето во воздухот) прегревањето е потенцијален проблем. Понатаму, многу важно е да се земе СМД варијанта на колото, со назнака G, затоа што колото се наоѓа од долната страна на печатената плочка и нема апсолутно никаков простор за додавање други делови.
Кондензаторот C31 од 10 µF не мора да биде low-ESR варијанта, доволно е да биде за 400 V.
Со овие замени и модификации, напојувањето и целата плоча „оживеаја“ на прво вклучување. Склопувањето на машината беше малку мачно , бидејќи ги проверував сите кабли и конектори според сервисното упатство. Патем, така утврдив дека во овие машини што ги испорачуваат на Балканот фалат три компоненти, но машината може да работи и без нив. Имено, им недостига мерач на проток (flow meter), соленоид за избелувач и циркулациона пумпа.
Во секој случај, машината веднаш проработи најнормално после проверките, склопувањето и вклучувањето. Сега можам да ја отворам и затворам за 15 минути – доказ како сервисерите прават лесни пари штом еднаш ги научат моделите. Нема апсолутно никакво оправдување за фрлање на цела машина поради ваков поправлив дефект, а разочарувачки е што компаниите намерно престануваат со поддршката за резервни делови после само 5 или 7 години од продажбата. Јасно е дека тоа го прават намерно за да произведуваат и продаваат нови типови, но ваквата практика би била мошне лоша препорака за производителот до пред само 20 години.
На крајот, утврдив дека истиот електронски склоп, дури со потполно ист аранжман на деловите и конструкција на печатената плочка, го поседуваат многу апарати од разни производители. На пример, потполно истиот модел на машина за перење од Електролукс го произведуваат уште и АЕГ и Зануси, а електронските плочки (особено делот на SMPS напојувањето) биле потполно исти во уште којзнае колку електронски апарати за домаќинство од најразлични производители. Очигледно е дека сите се развиени и произведени од една иста компанија за потребите на производителите на бела техника.
Лично, разочаран сум што нулата на наизменичната струја е галвански поврзана со линијата +5 V од електрониката (односно не со сигналната маса). Доколку утикачот не се ‘уштека’ точно во нулата на утичницата (на утикачот нема ознака фаза/нула!), тогаш сите сензори во машината, како и целата печатена плочка ќе бидат на фазата, т.е. директно на 220 V. Иако ова го пишува во сервисното упатство, никаде не го пишува во корисничкото упатство, она коешто го читаат купувачите и корисниците на уредот, па така ова може потенцијално да предизвика разни проблеми.