Најлошата суша во Европа во изминатите години, којашто моќните европски реки ги турна на најниските нивоа на водостој во изминатиот век, е виновна и за рекордно нискиот водостој на моќната река Дунав. Нивото на водата во Дунав летово се симна толку многу што во близина на српскиот речен пристанишен град Прахово на виделина на сонцето се појавија дузина германски воени бродови од Втората светска војна.
Рекордно високите температури и сушата што трае со месеци направија речниот сообраќај на виталните артерии ширум Европа да ‘дише на шкрги’. За да добиете претстава за каков проблем се работи, доволно е да знаете дека за да ги одржат отворени навигациските рути на Дунав, властите во Србија беа приморани одредени делници да ги одржуваат со тешка механизација. Така, на пример, во близина на речното пристаниште Прахово, источна Србија, песочните спрудови од доскорешното дно на Дунав го стеснија пловниот дел од реката на речиси половина – пловниот дел е стеснет на едвај 100 метри од доскорешните 180 метри. И ова не е единствениот проблем...
Еден од локалните рибари покажува кон остатокот од воен брод заглавен во песочното дно на Дунав (фото: Ројтерс)
Овогодинешната суша, за којашто научниците сметаат дека е последица на глобалното затоплување, откри повеќе од 20 олупини што беа заглавени во песочното дно на Дунав во близина на Прахово. Бродовите биле дел од Црноморската флота на нацистичка Германија која повлекувајќи се пред советските сили во 1944 година оставила попат стотици “реликвии” потопени долж коритото на Дунав.
Овие олупини сè уште го отежнуваат речниот сообраќај, особено при низок водостој. Имено, добар дел од сенишните остатоци сè уште во себе кријат тони муниција и експлозиви и претставуваат опасност не само за бродскиот сообраќај. На ризик се изложени и работниците од локалната рибарска индустрија, не само во Србија туку и од Романија, која се наоѓа од другата страна на реката.
Заглавени меѓу песочните 'острови' остатоците од воени бродови полни со муниција и експлозиви дополнително го отежнуваат одвивањето на речниот сообраќај на Дунав (фото: Ројтерс)
Распослани низ речното корито, од некои од бродовите сè уште се видливи одбранбените куполи, командните мостови, скршени јарболи и искривени трупови, додека дел лежат заглавени, односно ‘потопени’ под наносите од речен мил и песок.
Во март, српската влада објави тендер за “чистење” на Дунав од овие олупини и отстранување на муницијата и експлозивите присутни во нив. Целата операција беше проценета дека би чинела 29 милиони евра.