За првпат Кина ги престигна Соединетите американски држави и е земја чиишто истражувачи имаат најголем број на најцитирани трудови, што е клучен показател за научното влијание, се вели во новиот извештај на "Japanese Science and Technology Indicators", објавен на 9 август. Во периодот од 2018 до 2020 година, Кина придонела со 27,2 % од најцитираните трудови во светот – оние кои се рангирани во првите 1% во однос на цитатите – додека САД учествувале со 24,9%, се вели во извештајот.
Некои го посочија извештајот како доказ за брзиот пораст на квалитетот, покрај квантитетот, на кинеските истражувања.
Мислењето дека кинеските истражувачи „објавуваат многу работи, но не и квалитетни работи... е мошне кратковидно“, изјави експертот за научна политика Каролина Вагнер од Државниот универзитет во Охајо за магазинот Science на 17 август. Според Science, Кина ги престигна САД во 2016 година и стана глобален лидер по бројот на објавени трудови.
Како и да е, пред една деценија само 6,4% од најцитираните трудови во светот доаѓаа од Кина, којашто со овој процент заостануваше далеку зад САД чиишто истражувачи и институции учествуваа со 41,2%, се вели во извештајот што Националниот институт за наука и технологија со седиште во Токио, го објавува секоја година.
Цитатите претставуваат стандарден начин за истражувачкиот труд да се повика на претходни дела и да оддаде признание на оние дела од каде потекнуваат идеите и методите за новиот труд. Тие станаа вообичаена мерка за одредување на важноста и на влијанието на истражувањето.
Извештајот користи „фракционо броење“ што овозможува поделба на кредитот/заслугата кај трудовите со повеќе автори. Така, на пример, ако кај еден труд како коавтори се јавуваат припадници на два универзитети во Јапонија и еден од универзитет во САД, Јапонија добива две третини од кредитот, а САД добиваат една третина.
Овој метод е различен од сметањето со броеви, методот што го користи Националната научна фондација на САД во некои најзини студии, со којшто и се дава кредит на секоја земја подеднакво, без да се земе предвид колку институции биле вклучени во истражувањето.
Дури и научниците не можат да се договорат кој е најдобриот метод за прецизно одредување на заслугите на секој од вклучените научници/институции, што доведува до варијации во резултатите од рангирањето. Па така, користејќи го методот на броење со цели броеви, САД сè уште се пред Кина со 3 процентни поени во најцитираните трудови, забележа извештајот на јапонските индикатори за наука и технологија.
Британија, Германија и Австралија ги заокружуваат првите пет места од рангирањето, со 5,5%, 3,9% и 3,2% од најцитираните трудови, соодветно.
Иако многу луѓе ги поврзуваат високо цитираните трудови со лауреатите на Нобеловата награда, тоа не е нужно така, како што покажа истражувањето на Nature во октомври 2014 година.
Па така, меѓу 100-те најцитирани трудови на сите времиња, во повеќето се опишани експериментални методи кои подоцна ќе станат суштински во нивните области. На пример, најцитираниот научен труд вовел тест за одредување на количината на протеин во растворот. Тој бил објавен од тројца истражувачи од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис во 1951 година. Во меѓувреме, наодите од добитниците на Нобеловата награда, како што се структурата на двојната спирала на ДНК и забрзаното ширење на универзумот, на пример, не се ниту блиску до влезот на топ-100 листата, покажа истражувањето на Nature.