Македонската Влада вчера објави вест дека донела одлука да ја помогне новата гриндфилд инвестиција во ТИРЗ Тетово со 130 милини евра во која ќе се произведуваат автомобили на електричен погон наменети за градско возење. Ќе се вработеле 3000 до 4000 вработени, а целата инвестиција ќе чинела 720 милиони Евра. Камен темелникот ќе бил поставен годинава на годишнината од Охридскиот рамковен договор. Фирмата која ќе го произведува автомобилот е страт ап компанија од Ахен Германија Next e.Go Mobile. Да разгледаме за што се работи и колку сево ова држи вода...
Истражив за оваа фирма на Интернет и дојдов до следниве заклучоци: Автомобилот е солиден и за него повеќе ќе стане збор во вториот дел од текстов. Продажната цена во Германија му е околу 26 000 Евра што е многу висока цена. Може со еколошки бонуси во Германија да се спушти до 17 000 Евра што сè уште е висока цена. Почнало производството во Германија и првите петстотини продажби на овој градски автомобил, но конкуренцијата е пеколна и се бара излез за високата цена. Изгледа продажбата тапка во место. Се преговара со бугарски фирми за производство во Бугарија, но изгледа ништо не биднало од договорите. Се преговарало и со грчки фирми и епилогот е ист. Еве, сега најава за преговори со македонската интернационална компанија “Еколог“ и можеме да се надеваме само на успешно завршени преговори за производство на овој автомобил во нашата држава. Но, едно е надежта а друго се реалните состојби на терен. Со што Македонија ќе успее да ја намали цената на чинење на овој автомобил? Со ефтина работна рака? Ова е делумно, но не и конечно решение. Со искусен кадар? Мислам дека го немаме во доволна количина да може уште на проектантската табла да внесе иновации кои ќе резултираат со намалена цена на чинење на производот. Со сериозна индустриска логистика во Македонија? И тоа го немаме. Барем засега. А фабриката треба да е ликвидна во реално време. Ако немаме позитивни договори во Бугарија и Грција со оваа старт-ап компанија, со што Македонија ќе е подобра во понудата за да се реализира инвестицијата т.е. да избоксуваме позитивен договор? На оваа ситуација како налевање на масло на оган се однесуваат крајно конфузните и нејасни информации за оваа инвестиција од печатените и електронските медиуми.
А сега малку да се задржиме на самото возило. Се работи за мало градско возило на електричен погон во кое можат да патуваат максимум 4 возрасни лица. Дизајнот е спартански и доста пристоен. Моделот e.Go Life е опремен со електромотор со моќност од 29 kW како траен режим (или 57 kW во пик модот или краткотрајно) и од место до 50 km/h забрзува за 4,3 секунди. Максималната брзина му е 122 km/h, а максималниот радиус му е 125 km во град и 171 km комбинирано. Батеријата е литијум-јонска со капацитет од 21,15 kWh и напон од 374 V. На куќна шуко монофазна инсталација (230 V) се полни за 9,6 часа, а на јавните полначи за 5,7 часа. Потрошувачката е 18,3 kWh/100km. Автомобилот е тежок околу 1230 килограми а максималната тежина е околу 1500 килограми. Радиус на вртење при максимлен ајншлаг (максимална завртеност на управувачките тркала) е 9,9 метри.
За крај, да завршам оптимистички. Најискрено се надевам дека ќе заживее оваа странска инвестиција и Македонија ќе се запише во списокот на производители на автомобили. Уште еднаш се потврди дека во високоразвиените општества не е голем проблем да се произведе сосема нов автомобил и дека копјата се кршат на полето на пазарот, конкуренцијата и цената на чинење на новиот производ (ова важи за стандардна и етаблирана секому достапна технологија, што е логично). Излезни решенија се бараат во глобализацијата, а Македонија не е исклучена од нивниот економски интерес. Но, за индустриски неразвиените држави како нашата, и тоа како е проблем со сопствени сили да се лансира (произведе) автомобил и да се замешаме во играта “правиме или сме спремни да правиме и неверојатни отстапки како подизведувачи”. Времето мошне бргу ќе ги потврди или демантира овие мои размислувања и оценки.