Користејќи го вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST), еден меѓународен тим на астрономи откри ново бледо, далечно и студено кафеаво џуџе. Новопронајдениот објект, со ознака GLASS-JWST-BD1, се покажа дека е околу 31 пат помасивен од Јупитер. Откритието беше детално опишано во трудот објавен при крајот на минатиот месец на arXiv.org.
Кафеавите џуџиња се објекти што се некаде на половина пат помеѓу планетите и ѕвездите. Астрономите генерално се согласуваат дека тое претставуваат субѕвездени објекти чијшто опсег на маса се движи некаде помеѓу 13 и 80 маси на Јупитер. Една поткласа на кафеави џуџиња (со ефективни температури помеѓу 500 и 1500 К), позната како Т џуџиња, ги претставува најстудените и најбледи подѕвездени објекти досега откриени. Истражувањата за Т-џуџињата би можеле да им помогнат на астрономите подобро да ги разберат објектите во близина на спорната граница планета/ѕвезда, на пример, џиновските егзопланети.
Сепак, иако до денес се откриени многу кафеави џуџиња, Т-џуџињата не се толку чести – досега се идентификувани само околу 400 такви објекти. Сега, група астрономи предводени од Марио Нонино од Астрономската опсерваторија во Трст во Италија, извести за откритието на ново кафеаво џуџе коешто најверојатно и припаѓа на поткласата Т џуџиња. Откритието е направено во склоп на проектот Through the Looking GLASS (GLASS-JWST) — дел од програмата JWST Early Release Science (ERS) чијашто цел за набљудување е масивното галактичкото јато Abell 2744. Набљудувањата се направени со инструментите на JWST – Near-Infrared spectrograph (NIRSPEC) и Near-Infrared Imager and Slitless Spectrograph (NIRISS).
Според студијата, GLASS-JWST-BD1 има маса од околу 31,43 маси на Јупитер и ефективна температура од околу 600 К. Староста на ова кафеаво џуџе се проценува на 5 милијарди години. Споредбата со теоретските модели укажува дека GLASS-JWST-BD1 е T џуџе од доцен тип. Неговата оддалеченост од нас е некаде помеѓу 1850 и 2350 светлосни години, во насока попречно од галактичката рамнина.
Резултатите покажуваат дека сосема извесно објектот припаѓа на популацијата на Галактичкиот дебел диск или на хало популацијата.
Астрономите забележаа дека се потребни дополнителни набљудувања на GLASS-JWST-BD1 за да се потврди неговата Т-џуџестата природа на објектот. Особено се потребни многу повеќе податоци за кинематиката или хемискиот состав за да се добијат повеќе сознанија за својствата на овој објект.