Рубрика: Автомобилска техника
'ПОМОШ, ПАДНА МЕЊАЧОТ!'
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 03.08.2022 - 17:15

Да, МЕЊАЧОТ ПАДНА!” е одговорот на прашањето од дежурната служба во што се состои дефектот на возилото за кое се бара помош. Дали е вистина ова на сликава? ДА, вистина е. Ретко се случува, но не е исклучено. Како може менувачот да отпадне? Исклучено е менувачот да падне доколку тој е добро (правилно) прицврстен на моторот.

Под правилно прицврстување се мисли на прописно затегнување на завртките и навртките со коишто тој е прицврстен за блокот од моторот. Менувачот има само една позиција на спарување со блокот од моторот и не може да се случи тој неправилно да биде прицврстен, т.е. спарен. Во мајсторскиот жаргон ова спарување се вика “да клапни мењачот“ кога тој се прикачува на моторот. Ако не “клапне“ ништо од спарувањето. Во прилог на ова оди и тоа што должината на завртките е таква што доколку менувачот не е правилно спарен со моторот тој не може да се затегне со завртките – тие се кратки и не можат да се завртат во навојот.

Што се случило со менувачот од фотографијава, кој, патем речено, е автоматски? Најверојатно автомобилот бил во сервис каде менувачот се поправал или се поправало нешто друго што за услов имало демонтирање на менувачот. Во сервисот на крајот од поправката менувачот бил вратен на своето место, но (од заборавеност и неодговорност) или не биле поставени завртките за блокот од моторот или тие не биле прописно притегнати со соодветен момент на затегнување. Во практика, автомобилот може да се вози, со оглед на тоа што реактивните моменти се урамнотежени со чаурите за центрирање на менувачот и за прифаќање на тој момент (мењачот веќе има “клапнато“!). Значи, нема аксијална сила при возење на автомобилот која го одвојува моторот од менувачот и тоа е она што овозможило возилото да излезе од сервисот како наводно исправно и да се вози по патиштата. Но, во текот на возењето, од вибрациите и моменталните оптеретувања, коишто достигнуваат до нула вредност, менувачот малку по малку аксијално се одвојува од моторот. По 1 до 2 сантиметри одвоеност (колку што е должината на чаурите) реактивниот момент нема кој да го пренесе од менувачот на моторот и менувачот провртува околу својата надолжна оска. Ги кине сајлите и полугите за управување и паѓа на земјата, оти веќе ништо не го држи. Автомобилот застанува.

Мора да се нагласи дека ваков дефект не може да се случи на возило кое штотуку е излезено од фабричка лента или кај кое моторот и менувачот се меѓусебно правилно прицврстени во сервисите во текот на неговата експлоатација.

Клучни зборови: