Рубрика: На граница на науката
Луѓе на Месечината – подвиг или измама? (12)
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 03.08.2022 - 14:45

Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој дванаесетти дел од серијата зборуваме за темата: „Викиликс објави снимки од лажно слетување на Месечината!?“.

Викиликс објави снимки од лажно слетување на Месечината!?

Во месец мај 2019 година, на некои интернет портали од најдолно ниво се појави сензационална вест, заедно со видео материјал, дека Викиликс (WikiLeaks), како одмазда за апсењето на Асанж, објавил доказ дека слетувањето на американските астронаути на Месечината е лага, бидејќи тоа е снимено на Земјата, во пустината Невада. Тој видео материјал може да се најде на YouTube од бројни „дилери“ на теории на заговор. Корисниците на социјалните мрежи, немајќи ништо друго попаметно да прават во животот, масовно го раширија овој видео материјал наоколу. Вакви малоумности не се некоја новост, но загрижувачки проблем е што македонскиот дневен весник Слободен печат (од вкупно четирите постоечки!) ова го објави како засебна, нормална вест (види тука) и го објави тој видео материјал, давајќи му кредибилитет на една гласна лага!

А токму тој дневен весник се помодре самиот од удирање во гради дека е најгласен во критиките на праксата на ширење лажни информации (fake news)! Како да им се објасни на овие „професионални новинари“ дека основно новинарско начело е прво да се провери изворот на информацијата. А изворот на информацијата наводно е Викиликс. Е, па?

За разлика од тие „професионални новинари“, јас тогаш (мај 2019) веднаш отидов на веб-страницата на Викиликс. А таму – ни трага, ни глас од тој видео материјал!!! Значи, видеото со наводните докази дека астронаутите воопшто не слетале на Месечината всушност не потекнува од Викиликс! Јасно е дека тој што го измонтирал видео материјалот излажал дека Викиликс е изворот на тоа видео, лепејќи го логото од Викиликс во горниот агол од видеото, во обид да му даде тежина и веродостојност на својот фалсификат.

А самото видео е толку аматерски и наивно направено, што смрди на фалсификат уште пред да заврши втората минута. Видеото е долго 11 минути и 45 секунди, но има и верзии од околу 15 минути дополнети со видео материјал од некое „Flat Earth Hungary“ (аман веќе од овие глупави „рамноземјани“!). Видеото е хаотичен колаж од документарни снимки од екипа која прави некаков филм (има камери, рефлектори, луѓе се сноваат наоколу...) и тоа се случува на Земјата, но тоа е измешано со видео снимки на астронаутите на Месечината, но и документарни снимки на Земјата. Но никаде нема да ги видите истовремено астронаутите со кратерите околу нив и луѓето со камерите и рефлекторите! Тој аматерски направен колаж е „збогатен“ со намонтиран глас и некои звуци, во комичен обид да ја долови „вистината“ за спуштањето на Месечината. Тоа оди вака:

0:40 (нула минути, 40 секунди од видеото) – кратка реална снимка од астронаутите на Месечината, тие се движат еден кон друг, малку подзастануваат, а токму во тој момент се слуша намонтиран глас „Now move“ и астронаутите продолжуваат да се движат. Да, бе...

1:08 – во ист стил, замрзнато видео на астронаут на Месечината, се слуша намонтиран глас „Ready... and... action!“ и се пушта видеото да тече. А бе ајде...

1:45 – реална снимка на возење на астронаут со „месечевиот ровер“ на Месечината, но притоа е додаден звук како трактор да брчи! Го претераа – месечевиот ровер се движи со електрични мотори, такашто и да се вози на Земјата, ќе биде бесшумен!

И така натаму...

Заклучок: вообичаени глупости на интернет, но и огромен срам за македонските новинари и македонското новинарство! Но, според народната „и над попот има владика“, сепак најголемата вина за ваквите катастрофални промашувања има уредникот. Да потсетам и на претходната слична „fake news“ случка објавена во списанието Форум (сега згаснато), каде еден неедуциран новинар објави статија дека Аполо 11 не слетал на Месечината (за што дадов анализа во мојата статија објавена во ЕМИТЕР 9/2004, Луѓе на месечината - лага или подвиг? ). А која е нишката што ги поврзува овие два медиуми кои шират лаги дека Аполо 11 не се спуштил на Месечината? Тоа е Сашо Орданоски, главен и одговорен уредник и на двата медиума во времето кога беа објавени тие лажни вести. Што мерак по „fake news“ ќе беше тоа... Толку од „професионалноста“, „кредибилитетот“ и „едуцираноста“ на тој главен уредник.

Линк за дискусија: 
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid02qpUsvGqTamDCa4hv2ks...

 

Клучни зборови: