Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сега знаеме зошто Јупитер нема големи прекрасни прстени како Сатурн
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.07.2022 - 10:30

Со оглед на многуте сличности што Јупитер ги споделува со неговиот сосед, Сатурн, се чини природно да се запрашаме зошто и Јупитер нема прекрасен, обемен систем од видливи прстени. Имено, иако Јупитер има прстени, тие се тенки, едвај видливи структури од космичка прашина, забележливи само кога е имаат заднинско осветлување од Сонцето. Според едно ново истражување, за “оскудноста” na овие бледи прстени виновни се јупитеровите галилееви месечини коишто не дозволуваат дисковите од карпи и прашина да се акумулираат на ист начин како што тоа е случај кај Сатурн.

За да ја испитаат идејата дека во одреден момент од неговото минато и оваа планета формирала џиновски систем од пристени, група астрофизичари спроведоа серија симулации на објектите што орбитираат околу јупитеровиот систем. При симулациите биле земени предвид орбиталното движење на Јупитер и движењата на неговите четири најголеми месечини, познати и како галилееви месечини – Ганимед (кој е поголем од Меркур и е најголемата месечина во Сончевиот систем), Калисто, Ио и Европа. Тимот земал предвид и колку време може да биде потребно за да се формира систем на прстени.

Прекрасните прстени на Сатурн. Зошто и Јупитер нема сличен украс?

Моделирањето ја потврдило видливата состојба – Јупитер не може да има прстени во стилот на Сатурн, и малку е веројатно дека некогаш ги имал, за што главен ‘виновник’ се неговите огромни месечини велат истражувачите. Имено, галилеевите месечини на Јупитер многу брзо ќе ги уништат сите големи прстени што би можеле да се формираат. Моментално слабите прстени на Јупитер се направени претежно од прашина исфрлена од некои од неговите месечини,  а сосема извесно вклучуваат и материјал исфрлен во вселената од удари на помали тела (астероиди). Прстените на Сатурн, од друга страна, се состојат главно од мраз – веројатно остатоци од комети или астероиди или некоја ледена месечина којашто или се распаднала поради гравитацијата на Сатурн или претрпела удар што овозможил формирање прстени од исфрлениот материјал.

Веќе се знае дека месечините на Сатурн играат значајна улога во обликувањето и одржувањето на неговите прстени. Но, присуството на доволно голема месечина (или месечини) би можела гравитациски да ги наруши прстените, овозможувајќи му на мразот да избега од планетарнатата орбита и да се изгуби во космичкиот простор.

Иако Сатурн е синоним за планета со прстени, планетарните прстени се всушност прилично вообичаена работа, дури и во нашиот Сончевиот систем.

Прстени има и Јупитер, како што веќе кажавме. Ледените џинови, Нептун и Уран, исто така имаат тенки, бледи прстени од прашина. Згора на тоа  Уран е и странично накосен многу повеќе во однос на другите планети, и неговата орбитална оска е речиси паралелна со орбиталната рамнина. Се смета дека неговите прстени се некако поврзани со оваа “накосеност” – или Уран во минатото претрпел голем страничен удар, или во некоја точка од минатото имал апсолутно огромни прстени, што можеле да го предизвикаат неговото странично навалување.

Јупитер виден низ окото на вселенскиот телескоп Џејмс Веб

А прстените не се ни ограничени на планети. Чарикло, мало тело со пречник од околу 230 километри кое орбитира помеѓу Јупитер и Уран, исто така поседува прстени. Нив ги има и една од ‘сосетките’ на Плутон, џуџестата планета Хаумеа, сместена во Кајперовиот појас. Симулациите укажуваат дека прстените околу ледените тела не се невообичаена појава, поради гравитациските интеракции што го креваат мразот од површината на споменатите тела, овозможувајќи доволен дел од него да избега во орбита и да се формира кружен прстен.

Марс, исто така, би можел да се стекне со прстени. Неговата месечина Фобос секоја година сè повеќе се приближува до црвената планета. За 100 милиони години таа би можела да биде доволно блиску за да биде растргната од гравитацијата на Марс, формирајќи краткотраен прстен којшто потоа би можел повторно да изнедри нова месечина. Дури и прстените на Сатурн се веројатно привремени, предодредени полека да паднат на планетата, налик на дожд.

Со доволно детално истражување прстените би можеле да ни отријат детали за одредени бурни периоди од минатото на планетите. За астрономите, тие се доказ за катастрофален настан што зад себе за оставил мноштво материјал. За останатите, прекраснен материјал за ткаење митови и легенди.

Истражувањето е прифатено за објава во списанието Planetary Science Journal а во моментов е достапно на предпринт серверот arXiv.

Клучни зборови:
Јупитер виден низ окото на вселенскиот телескоп Џејмс Веб

Јупитер виден низ окото на вселенскиот телескоп Џејмс Веб

Прекрасните прстени на Сатурн

Прекрасните прстени на Сатурн. Зошто и Јупитер нема сличен украс?