На 26 јули, токму на зајдисонце во македонскиот Сен Тропе, т.е. охридското село Трпејца, во склоп на единаесеттото издание на културно-забавното лето “На зајдисонце” во организација на Здружението за промоција и развој “За Трпејца со љубов“, се одржа предавање за роботиката и вештачката интелигенција. “Часот” го одржа еден од најголемите авторитети во Македонија во оваа сфера – проф. д-р Анис Сефиданис.
Возбудливата и современа тема – роботите, роботиката и вештачката интелигенција, предизвика голем интерес, особено ако се имаат предвид ставовите на Сефиданис за односот на роботите кон нас живите суштества, дека нашата иднина е во кохабитација со нив, дека вештачката интелигенција е, всушност, природна интелигенција која функционира со истата матрица, дека ривалството помеѓу човекот и роботите е депласирана категорија и дека тоа треба да се потисне со нивно меѓусебно помирување и соработка. За крај беше презентирана најхрабрата теза – дека човекот не е врвот на интелигенцијата, што недвосмислено упатува на сознанието дека тој сепак мора да се избори и да го одржува своето место во Природата каде повторно е дискутабилно дали е на самиот врв.
Голем интерес за предавањето од публиката кое беше со внимание и задоволство проследено
Мошне интересни, храбри тези кои провоцираат и тераат на размислување, но истовремено укажуваат на пријателски однос кон роботите и вештачката интелигенцијашто беа проследени со интересни докази и примери од секојдневната практика, што дава надеж дека роботите, сепак, се наши пријатели, сопатници во времето и просторот и наши заштитници.
За сево ова да има една природна линија во излагањето, професорот најнапред нè воведе во основните поими на роботиката и вештачката интелигенција со лесен, популарен и извонредно разбирлив јазик. Иднината е возбудлива и застрашувачка, но истовремено и извесна доколку роботите ги прифатиме како наши пријатели. За да се дефинира вештачката интелигенција и интелигенцијата воопшто потребно е таа да се поими како дел од свеста која сепак е невозможно да се дефинира, а сепак (истовремено) мора да се направи математички модел за таа да се примени во практиката и да се добие посакуваниот излез на системот. Тука лежи клучот на вештачката интелигенција, затоа што целта на роботот е да извлече знаење од светот што нè опкружува и да ги предвиди следните однесувања на субјектите, вклучително и самиот себеси.
Проф. Д-р Анис Сефиданис на популарното предавање во Трпејца
Беа разгледани многу примери за примена на вештачката интелигенција и роботите во денешниот наш свет, со цел подобрување на секојдневниот живот на човекот. Но, најважното е тоа што тие беа посочени како спасители на човештвото од колапсот во кој самиот несвесно навлезе со првите две индустриски револуции донесени со парната машина и електрификацијата. Третата индустриска револуција, дигитализацијата, и четвртата индустриска револуција, роботиката и вештачката интелигенција, би можеле да се сметаат како коректив на првите две револуции беше заклучокот на овој пример од предавањето на професорот.
Ова е само еден мал дел од инспиративното предавање на проф. д-р Анис Сефиданис, професор по роботика и машинска интелигенција на Универзитетот “Св. Апостол Павле” во Охрид.