Некаде во нашата свест и размислување е зацртано дека транзицијата кон зелени и обновливи енергии почива на научно-фантастични технологии и милијарди инвестиции. Но, тоа не е секогаш случај. Понекогаш вистински добра идеја и одредена техничка експертиза можат да направат огромна разлика. А токму ова ги поседуваат Марку Иленен и Томи Еронен, двајца мошне млади фински инженери кои неодамна го развија првиот акумулатор... од песок. Се работи за конкретен, евтин одговор на енергетската криза.
Акумулаторот направен од Иленен и Еронен не користи литиум или други ретки и скапи материјали, туку вообичаен градежен песок. Песочната батерија не е ништо повеќе од голем цилиндар од изолационен материјал кој внатре содржи низа електрични отпорници и 100 тони песок. Отпорниците се загреваат со користење на вишокот електрична енергија произведена од фотонапонски панели, ветерни електрани или други обновливи извори. Така песокот се доведува до температура од околу 500°C, a топлината што се ослободува во текот на ноќта или во периоди кога зелените извори не произведуваат доволно енергија, се користи за загревање на водата што го "храни" системот за централно греење на градот Канкаанпа.
Првиот песочен акумулатор изграден во финскиот град Канкаанпа има номинална моќност од околу 100 MW и може да складира песок на температура од 500°C со месеци.
Според дизајнерите, овој песочен акумулатор е идеално решение за акумулирање на вишокот на енергија произведена од обновливи извори – тој е евтин, може да ја одржува топлината на стабилна температура неколку месеци и, за разлика од традиционалните батерии, не страда од проблеми со намалувањето перформанси со текот на времето. И, она што никако не треба да се занемари, е тоа што откако ќе заврши неговата задача овој акумулатор нема да има проблеми со неговото депонирање односно отфрлање, барем не од еколошка гледна точка.
Како функционира целиот систем со песочниот акумулатор
Томи Еронен и Марку Иленен
Сепак, системот на двајцата млади инженери има некои недостатоци. На пример, станува многу неефикасен ако се обидете да ја претворите топлината акумулирана од песокот во електрична енергија. Затоа треба да се најде примена што овозможува искористување на топлината таква каква што е, на пример, за загревање вода наменета за греење или за базени. Двајцата инженери, откако ја изградиле првата демо-постројка во нивниот роден град, сега бараат средства и финансиери за да им помогнат да го развијат својот проект комерцијално.