Кога добро ќе се организираат активностите, како на пример, образованието на средношколците од занатските струки, државните институции задолжени за промоција на иновациите со оние на професорскиот и на менаџерскиот кадар од (средните) училишта, учениците со својот ентузијазам и бескрајна љубов кон творењето чуда можат да направат. А, што е поважно, се стекнуваат со сигурност и одважност за утре, како идни инженери, проектанти, конструктори и менаџери кои, да бидат кадарни да се носат со сите препреки што ги носи производството на материјални добра. Најновиот пример за ова доаѓа од средното стручно општинско училиште ОЕМУЦ “Св. Наум Охридски” од Охрид, каде група на ученици, заедно со своите ментори, победија на државниот натпревар “Предизвик за млади истражувачи 4“, со што добија парични средства од Фондот за иновации и технолошки развој за успешно да го реализираат победничкиот проект –Пловило на соларен погон.
Ученичкиот тим што го изработи пловилото на соларен погон е составен од Евгенија Шулевска, Шефко Асим, Никола Илиоски, Даниел Котоски, Јован Матријоски и Христијан Груевски, а ментори се проф. Ангелоски Сашо и проф. Виолета Никовска. Тие добиле средства во износ од 250 000 денари. Изработката на проектот траела околу седум месеци, при што првата половина од тоа време е потрошена во истражување за тоа кој електромотор да се избере како погонски мотор (“пента”), потоа колку и какви акумулатори да се инсталираат и кои фотонапонски панели најмногу ќе одговараат на намената. Секако, сево ова требаше да се димензионира, оптимизира и меѓусебно да се поврзе во една функционална целина, управувана од контролна автоматика.
Лево: Соларните панели, три на број, се сместени на горниот дел од пловилото и испорачуваат еднонасочна струја; Десно: Изглед на горниот дел од вонбродскиот мотор во кој е сместен електромоторот и рачката за кормиларење.
Номиналниот работен напон од 12 V се произведува од три сончеви напонски панели кои испорачуваат еднонасочна струја. Вонбродскиот мотор или во охридскиот крај попознат како “пента” е со електричен погон, што е еколошки прифатливо, со нула загадување на природната средина во однос на емисија на нечистотии и штетни нуспроизводи од неговата работа но и во однос на загадувањето со бучава. Како балансер на енергијата на електричниот систем е вграден акумулатор што може да се искористи при намалена светлина или, делумно, во ноќните часови.
Од лево кон десно: 1. Акумулаторот е сместен во кабината на пловилото што е недостаток но со оглед дека се работи за прототип кој не е комерцијален производ и исклучиво служи за едукативни цели може да се смета дека не се работи за недостаток; 2. Управувачка автоматика; 3. Контролната електроника мора да е сместена на дофат на видното поле на управувачот со пловилото како би ги следел без проблеми параметрите на целиот систем за напојување со електрична енергија за безбедно пловење со чамецот.
Секоја чест на целиот тим. Ова е уште еден доказ дека нема недостижни предизвици и мисии. Придобивките се немерливи и за учениците директно инволвирани во овој проект и за учениците кои не учествувале во овој проект. Им посакуваме уште многу други вакви и слични проекти со кои од прва рака ќе се запознаат со занаетот и на најдобар начин ќе ја применат теоријата што ја учат за време на класичната настава.
Тимот од ученици и професори што го реализираа проектот заедно со официјалните лица што им доделија признанија за нивната работа (Фото извор: Општина Охрид)
Поринување на соларното кајче во водите на Охридското Езеро (Фото извор: Општина Охрид)
Овој проект има своја вредност и како идеја за разработка на комерцијален производ – соларен погон со вонбродски мотор на мало пловило. Добро е да биде препознаен од нашата бизнис заедница и да се соберат сили да се произведува на комерцијална основа. Услови за тоа во Македонија има, особено денеска во ера на нагласена економска глобализација со која се изедначуваат условите на стопанисување на ниво на регија дури и на континент. Исто така, имаме првичен и иницијален домашен пазар за пласман на овој производ. ЕМИТЕР добро знае дека ако се сака се може!