Мастило обложено со молекули во коишто можат да складираат податоци е искористено за да се напише писмо што содржи скриена, шифрирана порака. Со клучот на шифрата скриен во истата порака била дешифрирана текстуалната датотека од романот „Чудесниот волшебник од Оз“ на Л. Френк Баум. Ова било возможно благодарение на полимерите во мастилото во коишто можат да складираат податоци.
Ерик Анслин од Универзитетот во Тексас во Остин и неговите колеги развија техника која вклучува стеганографија – практика на сокривање една порака во друга. Тимот генерирал шифриран клуч од 256 знаци за шифрирање и дешифрирање на датотеките користејќи го Напредниот стандард за шифрирање (AES), метод вообичаен во криптографијата. Групата потоа го кодирала клучот од шифрата во осум олигуретани, еден вид полимери.
Како што објаснува Анслин ”бидејќи се работи за полимер со многу специфична низа, единиците вдолж таа низа можат да носат низа од информации, исто како што секоја реченица носи информации во низата букви“.
Секој од полимерите бил составен од 10 помали соединенија наречени мономери. Притоа средните осум мономери ги чуваат деталите од клучот, а по еден мономер од секоја страните делува како синтетизатор и декодер на клучот.
Тимот ги измешал полимерите со изопропанол, глицерол и саѓи за да создаде мастило. Со помош на ова мастило, дел од истражувачите напишале писмо и потоа го испратиле на друго лице од тимот. Групата потоа издвоила примерок од мастилото и го искористила клучот за шифрата за да се овозможи пристап до точно специфицирана датотека – целиот текст од романот „Чудесниот волшебник од Оз“ од Л. Френк Баум.
Според некои од научниците кои не учествувале во експериментот идејата дека може да се напише вистинска, скриена порака којашто е содржана во молекуларната структура на мастилото е можеби фасцинантна, иако тоа можеби и не е најпрактичниот начин. Но, за Анслин, можноста да се сокријат информациите во пораката е секундарна. Неговата главна цел е подобрување во складирањето на податоци. Густината со којашто се спакувани информациите во молекулите во полимерите, кои вклучуваат ДНК, е далеку поголема отколку што тоа би било при нивно запишување со кодирани магнетни точки на тврд диск.
Наодите од тимот се објавени во ACS Central Science