Прекрасен астрономски феномен нè очекува вечерва, ноќта помеѓу 13 и 14 јули – т.н. супер Месечина, кога нашиот сателит привидно ќе изгледа поголем од вообичаеното. За разлика од добар дел од астрономските настани, ова “шоу” може да се набљудува и со голо око. Ако временските услови се задржат во поволна состојба, ќе бидеме сведоци на најголемата супер Месечина во 2022 година. Што значи ова?
За овој феномен веќе сме пишувале. Секоја година се случуваат три или четири „супер Mесечини“. Овој космички феномен се случува кога Месечината е најблиску до Земјата, односно во перигеј на нејзината орбита. Во оваа конфигурација Месечината се наоѓа на оддалеченост помеѓу 356 400 и 370 400 km од Земјата. Имено Месечината не се наоѓа секогаш на исто растојание од нашата планета, бидејќи врз неа влијаат и други космички елементи. За феноменот да биде “верификуван” како супер Месечина, гледано од Земјата нашиот сателит мора да биде во фазата на полна месечина. Стручно астрономите оваа појава ја нарекуваат „перигеј-сизигија“.
Како да ја набљудувате супер Месечината вечерва, на 13 јули? Иако месечината денес ќе изгрее во 20 часот и 28 минути, а ќе зајде на 14 јули во 5 часот и 24 минути (времињата се за Скопје но приближно истите времиња важат и за елата територија на Македонија). Mожеби најдоброто време за набљудување e кога Месечината е најблиску над хоризонтот, со оглед на тоа што тогаш таа привидно е најголема, па ефектот ќе биде уште поспектакуларен. Како што кажавме феноменот на Супермесечина ќе биде видлив со голо око, но употребата на телескоп или двоглед ќе ви овозможи подетално да им се восхитувате на кратерите на нашиот најголем природен сателит.
П.С. Ако го вечерва ја фотографирате Месечината и направите одлична фотографија ние со задоволство ќе ја објавиме тука на веб-порталот на ЕМИТЕР. Секако со фотографијата приложете податои за времето и местото од кадешто таа е направена.