Вечерва, 23 јуни, подгответе се за набљудување на најголемата полна месечина оваа година. За што се работи? Еднаш годишно кога Месечината се наоѓа на најблиската релативна положба во однос на Земјата, таа се претвора во супер-Месечина. Но ова е само еден од условите. Супер-Месечина имаме кога Месечината ја достигнува целосната фаза на полна Месечина, истовремено со моментот на својот најблизок пристап до Земјата за дадената година. Месечината е во перигеј, точка во својата орбита кога е најблиску до Земјата, секој месец, но постои 3-процентна варијација во износот на растојатнието на перигејната точка на Месечината во текот на целата година.
Во просек, Месечината се наоѓа на оддалеченост од околу 384 402 km од Земјата, но за време на супер-Месечината, позната и како перигејна полна месечина, таа ќе биде оддалечена само 356 991 km од нас. Инаку во најдалечната точка на оддалеченост на Месечината од Земјата, наречена апогеј, таа може да биде оддалечена околу 405 696 км од Земјата.
Сите заинтересирани кои сакаат овогодишниот спектакл на супер-Месечина да го набљудуваат подетално или, пак, немаат соодветни временски услови за набљудување, тоа ќе може да го направат и преку своите домашни компјутери. Имено, Slooh Space Camera ќе врши директен пренос кој ќе започне точно во 1.00 h, на 24 јуни, според GMT или 2.00 по средноевропско (и македонско) време. На сите коишто ќе се приклучат на нивниот сајт http://events.slooh.com/ Slooh Space Camera ќе им понуди бесплатен пренос во живо од далечински управуваните телескопи од својата опсерваторија на Канарските Острови.
Еве и неколку интересни заблуди и факти врзани со појавата на супер-Месечина:
Иако постои верување дека полната месечина влијае врз психата, не плашете се, супер-Месечината нема да ве претвори во лудак. Истражувањата покажале дека полната месечина од било кој вид не влијае на човековото однесување. Па така, ниту полната месечина (па ниту супер-Месечината) не предизвикуваат зголемување на бројот на пациенти во менталните институции, ниту пак има зголемување на бројот на психофизички растројства, убиства или какви и да се други кривични дела. Наспроти верувањето дека Супер-Месечините предизвикуваат природни непогоди, експертите утврдиле дека иако оваа појава единствено влијае незначително на количината на плимата и осеката, со повисоки плими и пониски осеки, но најмногу до 3cm.
Сите супер-Месечини не се исти. Како што веќе кажавме, перигејната точка за секој даден месец може да варира отприлика за растојание колку што е дијаметарот на Земјата. Иако ова навидум се чини како голема разлика: тоа не е многу бидејќи во просек, Месечината се наоѓа на околу 30 Земјини дијаметри од планетата. Гравитацијата на Сонцето е всушност главниот виновник за намалување на растојанието помеѓу Земјата и Месечината, предизвикувајќи ја орбиталата варијација.
Зимските супер-Месечини се поголеми? Па да. Зиме, во декември секоја година, Земјата се наоѓа најблиску до Сонцето, што значи дека гравитацијата на ѕвездата ја повлекува Месечината поблиску кон планетата. Токму поради овој ефект, најголемите Супер-Месечини се случуваат во текот на зимата.
Во иднина, супер-Месечините ќе бидат сè помали, што се должи на константното оддалечување на Месечината од Земјата, - Месечината секоја година е за 3,8 сантиметри подалеку од Земјата.
Супер-Месечина има секоја година и може еднаш годишно да се набљудува и од северната и од јужната хемисфера. Следната супер-Месечина ќе се случи во август 2014 година.