“Да се доживее стотата”, пееја своевремено членовите на Бјело Дугме. Но колку е ова возможно? Според последните податоци од Еуростат очекуваниот животен век при раѓање во 2020 година во Македонија бил 74,4 години, додека во ЕУ – 82,4 години. Сепак, постојат среќници кои не само што ја надминуваат оваа бројка, туку стигаат и до тоа на нивната роденденска торта да дуваат стотина свеќи. Но, што одредува кој ќе го достигне векот? Дали е доволно само да вежбате и да се храните здраво или е потребно и нешто друго?
Една студија објавена во The Journals of Gerontology открива дека тајната на долговечноста не се крие само во здравиот живот туку и во обилното присуство на одреден ген што ја спречува програмираната клеточна смрт, што го забавува стареењето и евентуално им овозможува на среќниците да достигнат до 100 здрави години.
За да дојдат до овие заклучоци, истражувачите регрутирале три групи на волонтери. Првата група била составена од 88 луѓе на возраст помеѓу 65 и 80 години, со живи родители постари од 97 години, втората група ја сочинувале 63-ца стогодишници, додека во третата биле вклучени 88 волонтери кои не биле потомци на стогодишници. Истражувањата покажале дека децата на (речиси) стогодишниците биле значително помалку изнемоштени од нивните врсници без постари роднини и дека гените на луѓето околу 100 и потомците на другите стогодишници биле многу слични. Дали ова значи дека постои генетска предиспозиција за добро стареење и долговечност?
Одговорот е да, или барем така изгледа. Генетските анализи покажале дека стогодишниците и потомците на стогодишниците имаат поголема количина од генот Bcl-xL (од англиското B-cell lymphoma-extra large), кој ja спречува програмиранаta клеточна смрт, односно апоптоза. Имено, нашите клетки се програмирани да извршат “самоубиство” кога се оштетени за да се спречи ширењето на оштетувањата низ телото. Овој ген предизвикува клетката, пред да умре, малку подолго да се спротивстави на процесот, а органот во кој генот е лоциран старее побавно и подолго ја одржува својата функционалност.
Исто така, се чини дека протеините произведени од генот Bcl-xl ја спречуваат кршливоста. Научниците го виделе ова најнапред во експериментите спроведени на црви и муви, а сега го проучуваат и кај глувците.
Накратко, се чини дека колку и да се трудиме да имаме здрави навики, ако нашите гени не работат заедно со нас, изгледите да доживееме стотка не се многу големи. Ова нагласува и еден од авторите на студијата Консуело Борас, кој вели: “Гените играат важна улога. Има луѓе кои воделе живот кој воопшто не е здрав, но сепак достигнуваат сто години.”
Она што им е јасно на научниците е дека целта на истражувањето не е само да се осигура дека луѓето живеат сè подолго и подолго, туку дека живеат многу подолго со добро здравје, искористувајќи ги на најдобар можен начин картите што им биле поделени во играта наречена живот.