Новата анализа на температурите забележани на Арктикот, покажува дека северната поларна капа се загрева над четири пати побрзо од стапката на глобалното затоплување. Во последните 50 години трендот на двапати бележи и нагли скокови. Процесот им се протнал низ прсти на речиси сите 39 климатски модели што се користат за следење и предвидување на резултатите од климатските промени. Сите сем четири од нив...
Според научниците, најмалиот временски период што може да се земе како пример во проучувањето на промената во климатските услови досега се сметаше дека е периодот од 30 години. Но, истражувачкиот тим што го објави трудот во Geophysical Research Letters го намалил овој временски интервал на интервали од 21 година. Ова им овозможило да забележат две нагли промени во температурните трендови – едната во 1986 и втората во 1999 година.
Арктикот влијае врз климата и врз временските прилики во светот, а топењето на ледената покривка на Гренланд предизвикува пораст на нивото на морето што им се заканува на огромен број крајбрежни заедници. Бидејќи епизодниот тренд деценија-по-деценија, што бил идентификуван од истражувачите, влијае врз глобалните временски прилики и нивото на светските мориња, прецизното проектирање на идните климатски промени во помали временски рамки според нив е од суштинско значење за планирање на какво било ублажување на влијанијата од промените и за развој на идните стратегии за адаптација на нив.
Индексот на интензивирање на промените опишан во студијата го претставува односот на 21-годишниот температурен тренд на Арктикот наспроти сeвкупниот глобален температурен тренд од 21 година. Во студијата е пресметано дека индексот на интензивирање на промените на Арктикот е поголем од 4 во раните децении на 21-от век, што е четирипати побрзо од глобалната средна вредност и е значително побрзо отколку што беше утврдено во претходно објавените истражувања што за основа користеле временски интервали од 30 до 40 години. Овие претходни студии го поставуваа индексот помеѓу 2 и 3.
Од 39 модели за климатски промени во широко користената колекција CMIP6 на Проектот за меѓусебна споредба на споени модели, меѓународниот истражувачки тим откри единствено четири коишто го репродуцирале првиот скок во промените, од 1986 година, на разумно добро ниво, но ниту еден од нив не го репродуцирал вториот скок на промени од 1999 година. CMIP е всушност производ на меѓународна научна соработка во која се користат климатски модели што имаат заеднички сет на параметри. CMIP6 се користеше за креирање на неодамнешниот Меѓународен владин панел за проценка на климатските промени.
Истражувачите што ги објавија новите сознанија, првиот скок го припишуваат на зголемувањето на концентрациите на јаглероден диоксид и на другите загадувачи во атмосферата, но вториот чекор сметаат дека се должи на климатската варијабилност бидејќи тој не се покажал кај ниту еден од другите досега користени модели.
Краткорочната климатска варијабилност вообичаено поминува неоткриена од климатските модели поради долгиот временски период од 30 години и повеќе години што го земаат како основа за моделот.
Но, новата студија директно не ја посочува причината за овие релативно ненадејни температурни скокови, но авторите шпекулираат дека причините зад нив се веројатно повратните влијанија од топењето на морскиот мраз и водените испарувања во комбинација со промените движењето на атмосферската и океанската топлина на Арктикот. Идните скокови во индексот на интензивирање на промените за Арктикот најверојатно ќе бидат помали, бидејќи се намалува температурната разлика помеѓу Арктикот и тропските предели.
Истражувачкиот тим сега ќе се сконцентрира на проучување на идните климатски проекции за Арктикот користејќи ги четирите модели што биле најблиску до усогласување со забележаниот тренд на затоплување, на којшто се покажаа наглите температурни скокови.
Истражувачкиот тим вклучува членови од американската Национална лабораторија во Лос Аламос, Универзитетот Источна Англија, PAR Associates, Универзитетот Вашингтон, Пацифичката океанографска еколошка лабораторија и Универзитетот Далхаузи.