Декорирана слонова коска, обработена за да се носи со ремен – врвка или животинска жила, е најстариот украсен предмет изработен од Хомо Сапиенс а пронајден на просторот на Евроазија. Приврзокот, којшто датира од пред 41 500 години, е пронајден во пештера во Полска. Откритието, опишано во Scientific Reports, долго чекаше на верификација од италијански, германски и полски научници (од Универзитетот во Болоња, од Институтот Макс Планк и од Универзитетот во Вроцлав во Полска) за да се идентификува видот на хоминидот што го создал украсниот предмет – дали се работи за дело на хомо сапиенс или на неандерталец? Научната заедница се произнесе дури деновиве.
Приврзокот од слонова коска украсен со 50 точки кои исцртуваат неправилна кружна крива е дело на првите хомо сапиенси што пристигнале во Европа. Предметот се датира цели 2 000 години пред времето кога се сметаше дека хомо сапиенсот започнал со изработка на ваков тип украси.
Одредувањето на точната старост на предметот била клучна за да се одреди која нишка на хоминидите била негов креатор. Користењето на најновите достигнувања во методот на датирање со радиојаглерод овозможува да се минимизира количината на материјалот што треба да се земе како примерок и да се добијат многу прецизни датуми, со многу мал опсег на грешки.
Од почетокот на нивното распространување во Централна и Западна Европа, во периодот пред околу 42 000 години, групите на хомо сапиенси почнале да ја користат слоновата коска од мамутите за производство на приврзоци и фигурини, а понекогаш и да ги украсуваат со геометриски обрасци. Конкретно, покрај линии, крстови и ‘мрежи’ (#), порамнувањето на точките се појавува кај некои украси пронајдени во југозападна Франција и кај некои од фигурините пронајдени во Швапските Алпи во Германија. Сепак, повеќето од овие орнаменти се откриени за време на археолошките ископувања спроведени во раните 1900-ти и имаат неточни датирања. Па затоа, хронологијата на појавата и распространетоста на ‘уметнички’ предмети (лични орнаменти и статуетки) во Европа сè уште останува неизвесна и дискутабилна и денес. Анализата и датирањето на овој украсен скапоцен предмет што датира од пред 41 500 години, сега ни овозможува да го подобриме знаењето за времето кога овие предмети се појавувиле во Евроазија.
А) Пештерата Стајнија и нејзината локација на платото Краков-Честохова во Полска. Пештерата била населена во различни прилики и од неандерталците и од сапиенсот. Б) Приврзокот, пронајден скршен, е дебел само 3,7 mm. В) Неговиот шематски приказ (дорсален приказ), каде што се истакнати 50-те украсни точки: број на ловечки плен или дури и лунарен календар, претпоставуваат научниците. Извор: © Marcin Żarsk / Antonino Vazzana - BONES Lab
Приврзокот бил пронајден во 2010 година во пештерата Стајнија, во Полска, за време на археолошки истражувања спроведени од полскиот тим. Бил пронајден заедно со животински коски и некои камени алатки од времето на доцниот палеолит. Трагите покажуваат дека пештерата била спорадично населена и од неандерталци и од хомо сапиенси. Веројатно за време на некоја од овие посети, можеби по повод ловечка експедиција до ближното плато Краков-Честохова, приврзокот се скршил и бил оставен или изгубен во пештерата.
Дебелината на плочката е приближно 3,7 mm и ја изработката покажува изненадувачка прецизност во гравирањето на точките и двете дупки за вметнување на врвката. Според научниците, можно е точките да претставуваат лунарен календар или упростено броење на уловениот плен. Како и да е слични украси биле правени независно од еден до друг и во други делови од Европа.
Староста на приврзокот во пештерата Стајнија покажува дека миграцијата на Хомо сапиенсот во Полска е стара колку и онаа во Централна и Западна Европа. Ова ќе го доведе во прашање моноцентричниот модел на дифузија на уметничката иновација во Орињачката култура, односно палеолитската култура што се раширила во Европа, а делумно и во Југозападна Азија, во периодот пред 47 000 до 35 000 години.
Според научниците за разрешување на дебатата околи тоа кога точно започна производството на украсни предмети и уметност “за носење”, досега пронајдените предмети мора директно да се датираат со радиојаглеродната метода, а ова особено се однесува на предметите пронајдени при постарите ископувања.
Дорсален и вентрален поглед на скапоцениот камен украс со мотив од точки што датира од пред 41 500 години. Јасно се видливи и дупките низ коишто се спровирала врвката. Извор: Sahra Talamo et all, 2021
А) Пештерата Стајнија и нејзината локација на платото Краков-Честохова во Полска. Пештерата била населена во различни прилики и од неандерталците и од сапиенсот. Б) Приврзокот, пронајден скршен, е дебел само 3,7 mm. В) Неговиот шематски приказ (дорсален приказ), каде што се истакнати 50-те украсни точки: број на ловечки плен или дури и лунарен календар, претпоставуваат научниците. Извор: © Marcin Żarsk / Antonino Vazzana - BONES Lab