Рубрика: Автомобилска техника
Tехнологија што овозможува полнење на електричните автомобили во од?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.06.2022 - 12:15

Замислете систем што би дозволил полнење на возилото со електрична батерија без тоа да мора да запре? Токму на ова работат научниците од Универзитетот на Канзас во САД. Оваа нова peer-to-peer и технологија базирана на облак е сè уште само идеја, но нејзината реализација се чини сосема возможна! Штом стане достапна оваа технологија, таа сигурно ќе го намали стресот на возачите во врска со автономијата на нивното возило.

Електричните автомобили се несомнено иднината на автомобилскиот транспорт. Во целиот свет возилата со електрични батерии постепено ги заменуваат возилата што работат на мотори со внатрешно согорување. Причината за оваа промена е пред сè еколошка, но и возењето е поекономично! Навистина, со зголемувањето на цената на фосилните горива, електричната енергија станува сè поатрактивна.

Сепак, и покрај овие предности, дилемата околу набавка или адаптација на постоечкото возило за работа на струја сè уште е претставува дилема за добар дел од возачите. Имено, куповната цена на електричниот автомобил е сè уште висока во споредба со традиционалниот автомобил, но ова не е единствената причина. Многу од возачите се грижат дали ќе завршат на пат со речиси празен акумулатор, а особено без блиска станица за полнење. И оваа дилема е сосема оправдана – ако бензинските пумпи се достапни на секој чекор, ова не е случај со станиците за полнење на електрични возила. А освен тоа полнењето на литиум-јонската батерија поставена во електричното возило може да потрае и по неколку часа, што баш и не е мошне практично за долги патувања.

Истражувачите од Факултетот за инженерство при Универзитетот на Канзас во САД можеби го нашле решението за овој проблем. Во неодамна претставената студија, тие ја гледаат можноста за полнење на електричните автомобили користејќи peer-to-peer (P2P) технологија додека возилата се движат. Овој револуционерен систем ќе овозможи споделување на електричното полнење помеѓу две електрични возила во движење.

Како што објаснуваат инженерите „Еден од автомобилите можеби има целосно наполнета батерија а нема да има потреба да вози долго време. Во овој случај, може да продаде дел од своето електрично полнење на друго возило кое треба да патува подолго и чијашто батерија не е многу наполнета“.

Технологијата нуди две поволности – очигледно едната е економска, за оние кои продаваат дел од својот електричен товар, а другата е временска, затоа што возачот што тргнал на долго патување не мора да застане.

Системот базиран на облак би можел да им овозможи на два електрични автомобила да комуницираат кога се во непосредна близина. Двата спарени автомобили потоа би возеле заедно со синхронизирана брзина којашто би била заклучена за времетрањето на споделување на енергијата. Притоа споделувањето на енергија би се направило со кабли кои автоматски би ги поврзале двете возила. Една од суштинските улоги на облакот би била да ја анализира состојбата на полнење на сите електрични возила што се во оптек во даден сектор. Како? Преку алгоритми. Тие ќе бидат одговорни за одредување на возилото што е најблиску и е најдостапно за споделување на товарот со друго возило коешто има потреба од тоа.

Но, за овој систем да биде ефективен, електричните автомобили не смеат да останат поврзани премногу долго. На пример, едно од двете возила можеби ќе сака или ќе треба да ја смени маршрутата. За да може оној кој префрла дел од својот електричен полнеж на друг да го стори тоа за доволно кратко време, истражувачите го предлагаат концептот на батерија на повеќе нивоа. Ова е систем би вклучувал мали батерии што ќе можат да се полнат брзо и брзо да го складираат електричното полнење направено peer-to-peer. По исклучување на двете возила, овие батерии ќе треба само да го испратат складираното полнење до главната батерија на возилото.

Тимот нуди и решение за областите со голема густина на сообраќај – распоредување на големи батерии инсталирани во камиони што ќе можат да полнат по неколку возила истовремено. Овие „камиони-полначи“ би биле лоцирани само на главните рути како што се автопатиштата.

За да истражат повеќе сценарија кои вклучуваат електрични возила што се движат на автопат истражувачите користеле симулациски софтвер наречен SUMO. Во овој софтвер тие го вовеле нивниот концепт за мобилно полнење, како и тој за „камиони-полначи “.

Благодарение на овој симулатор, истражувачите забележале дека нивниот систем ќе овозможи значително намалување на бројот на пати кога возилото ќе треба да за стане за да се наполни. Исто така било забележано и нагло намалување на јаглеродните емисии. Ова е особено бил случај кога и самите „камиони-полначи“ биле погонувани со обновливи енергии.

Но, за оваа идеја за peer-to-peer полнење да ја види светлината на денот, нужно ќе биде таа да добие финансиска поддршка од големите производители во автомобилскиот свет.

Клучни зборови: