Вашиот јаглероден отпечаток можете да го намалите не само ако внимавате на тоа што го јадете, туку и ако водите сметка од каде доаѓа вашата храна. За прв пат, една студија го проценува процентот на емисиите што се припишуваат на транспортот на храна на глобално ниво. Според ова, транспортот на храна е одговорен за речиси 20% од емисиите на јаглерод диоксид поврзани со храната. Бројките зборуваат сами за себе!
Резултатите од истражувањето објавени во Nature Food укажуваат дека дури 6% од глобалните емисии на стакленички гасови се поврзани со транспортот на храна. Оваа бројка е значително поголема од некои претходни проценки.
Студијата проценува дека глобалните системи за храна, поради транспортот, производството и промената на користењето на земјиштето, придонесуваат со околу 30% од вкупните емисии на стакленички гасови произведени од човекот. Од тоа, транспортот на храна – со околу 6% – е значителен дел од вкупните емисии, и што е уште потрагично, се чини дека вклучуваат речиси половина од директните емисии од сите возила на патиштата низ светот.
Истражувачите користеле економски податоци од 74 земји, 37 сектори (вклучувајќи сегменти како овошје и зеленчук, јаглен, сточарство и производство) и четири транспортни методи за моделирање на патувањата во производството на храна низ светот.
Ако претходно, речиси сите пресметки го земаа предвид само вистинскиот транспорт на самата храна, истражувачите сега го земале предвид и транспортот на храната, но и сите дополнителни нешта што треба да се транспортираат за да се произведе таа храна, како што се разноразните уреди но и хемиски супстанции.
Ова значително ги зголеми бројките за емисиите на CO2 при производството на храна, па проценката на емисиите од транспортот на храна е и до седум пати повисока од досегашните проценки.
На глобално ниво, според нивните анализи, транспортот на храна учествува со три милијарди тони на CO2 еквивалентни емисии секоја година. Ова претставува 19% од вкупните емисии поврзани со храната и 6% од вкупните глобални емисии. Притоа, што и не е големо изненадување, земјите со големо население – Кина, Соединетите Американски Држави, Индија и Русија – ги имаат најголемите емисии поврзани со транспортот на храна. Исто така, по глава на жител побогатите земји биле одговорни за многу повеќе емисии од транспортот на храна отколку посиромашните земји. До 46% од вкупните емисии од транспортот на храна доаѓаат од земји кои претставуваат 12,5% од светската популација.
За добар дел од ова е виновна “разгаленоста” на потрошувачите кои очекуваат храна што не е сезонска, но и храна што е атипична за нивното поднебје. Имено, видот на храна, исто така, влијае на емисиите од транспортот. Па така, бидејќи зеленчукот и овошјето имаат потреба од транспорт со контролирана температура, емисиите при нивниот транспорт се повисоки. Па така и од еколошки аспект не е сеедно дали доматите што ги јадете се македонски или увозен производ.
Всушност, истражувачите откриле дека во хипотетичко сценарио, каде што сите би јаделе многу локализирана храна, вкупните глобални транспортни емисии биле 380 милиони тони еквивалент на CO2, што е нешто повеќе од една десетина од нивната сегашна вредност.