Редовната физичка активност носи многу придобивки за телото, и физички и психички. И покрај тоа, мотивацијата за ‘потење’ не секогаш е присутна... Но, што ако голтањето една единствена пилула дневно би ни ги овозможила истите придобивки?
Веќе е докажано дека физичката активност ја спречува гојазноста, но исто така е моќен сојузник против развојот на дијабетес тип 2, како и против ред срцеви заболувања и болести на метаболизмот. Сепак, молекуларните и клеточните механизми, кои се во основата на овие метаболички придобивки, остануваат нејасни. Истражувачите од Медицинскиот колеџ Бејлор во Хјустон откриле дека вежбањето го стимулира производството на соединение наречено N-лактоил-фенилаланин. Зголемувањето на нивоата на ова соединение фармаколошки може да ги генерира истите здравствени придобивки како и вежбањето. Особено во делот намалување на апетитот и на телесната тежина.
Ако ги оставиме настрана здравите луѓе кои понекогаш немаат мотивација за вежбање, некои луѓе едноставно немаат доволно капацитет за поинтензивна физичка активност, како, на пример, постарите или рековалесцентите. Земањето лек способен да ја успори остеопорозата и да го намали ризикот од срцеви заболувања или други патологии поврзани со седентарниот начин на живот, ним навистина ќе им користи.
За подобро да се разберат „корисните“ биолошки процеси вклучени во физичката активност, истражувачите спровеле целосна анализа на крвната плазма на глувците по нивниот интензивен тренинг – трчање на лента. Благодарение на експериментот врз глувци кои биле подложени на интензивна физичка активност, истражувачите успеале да идентификуваат клучен метаболички процес, што доведува до губење на тежината. Имено, вежбањето поттикнувалео значително производство на една специфична аминокиселина – N-лактоил-фенилаланин (Lac-Phe).
N-лактоил-фенилаланинот се синтетизира во различни имунолошки и епителни клетки од лактат и фенилаланин. Лактатот, којшто е јонизирана форма на млечната киселина, е метаболит на гликозата. Се произведува од телесните ткива кога снабдувањето со кислород е недоволно, вообичаено при интензивно вежбање. Фенилаланин, пак, е амино киселина и претходник на допаминот, адреналинот и меланинот.
За да го потврдат и проценат влијанието на ова соединение врз здравјето, истражувачите инјектирале висока доза од на N-лактоил-фенилаланинот на дебели глувци. Нивната дебелина била предизвикана од исхраната со многу маснотии. Било забележано дека, во период од 12 часа, овие глувци го намалиле внесот на храна за речиси 50% во споредба со контролните глувци (кои не примиле доза од N-лактоил-фенилаланинот). Но, и покрај намалениот апетит, нивните движења и потрошувачката на енергија не биле засегнати.
По 10 дена од овој „третман“, глувците покажале намален внес на храна и намалување на телесната тежина, поради губење на телесните масти, како и подобрена толеранција на гликоза. Тимот, исто така, идентификувал ензим, наречен CNDP2, кој придонесува за биосинтезата на N-лактоил-фенилаланинот. Се чини дека овој ензим е дури и суштински за оваа синтеза! Ова било потврдено со втор експеримент којшто покажал дека глувците на кои им недостига овој ензим не изгубиле толку тежина по физичкиот тренинг како контролната група подложена на истиот тренинг.
Резултатите добиени во овој експеримент на глувци може да доведат до развој на лек за гојазност, којшто би го регулирал апетитот и би го промовирал губењето на телесната тежината. Ефектите би можеле да бидат идентични кај луѓето.
Имено, забележани се значајни зголемувања на плазматските нивоа на N-лактоил-фенилаланин предизвикани од физичка активност и кај тркачките коњи и кај луѓето.
Затоа, овој метаболит може да се смета како „молекуларен ефектор поврзан со физичка активност преку повеќе начини на активност“ кај многу животински видови, заклучуваат истражувачите во Nature.
Имајте предвид дека нивото на производство на N-лактоил-фенилаланин зависи од видот на вежбата што се изведува. Податоците од експеримент спроведен со група мажи покажале дека вежбањето со спринт предизвикува најдраматично зголемување на нивото на N-лактоил-фенилаланин во плазмата. Потоа следуваат вежби од типот „отпор“, чијшто интензитет е помеѓу 60% и 75% од максималната сила, а на крај се активностите за издржливост.
По идентификувањето на оваа конкретна аминокиселина, тимот планира да истражи како таа ги посредува нејзините ефекти во телото, особено во мозокот. Крајната цел е да се репродуцира овој процес со земање на апче.