Во текот на изминатите неколку децении, научниците направија една интересна опсервација којашто потврди дека должината на денот варира неправилно. Зошто ова се случува? Според една нова студија главен виновник е однесувањето на внатрешното јадро. Според сеизмичките набљудувања, јадрото се движело, осцилирало, па дури и ја менувало брзината на ротација со текот на годините!
Внатрешното јадро на Земјата е цврста топка составена главно од железо и никел на температура од 6000°C. Според претходно прифатените модели, секоја година неговата ротација би требала да биде систематски за 1 степен побрза од онаа на Земјата. Феномен наречен „супер-ротација“.
Сепак, научниците открија дека претходните модели можеби се неточни. Зошто ? Бидејќи брзината на ротација на внатрешното јадро на нашата планета, всушност, е неправилна. Според новата студија објавена во Science Advances, внатрешното јадро доживувало циклуси на супер-ротација и на под-ротација. Ова може да ги објасни варијациите во должината на денот.
Како истражувачите дошле до овој заклучок? Користејќи податоци за брановите генерирани од тестирањата на нуклеарни бомби во периодот помеѓу 1969 и 1974 година. Податоците биле собрани од низата за следење на сеизмичка активност Large Aperture Seismic Array (LASA), објект на американските воздухопловни сили во Монтана што беше затворен во 1978 година. Истражувачите ги споредиле податоците од советските подземни нуклеарни тестови во периодот помеѓу 1971 и 1974 година и уште од уште два други теста спроведени под островот Амчитка на врвот од архипелагот на Алјаска што биле спроведени во 1969 и 1971 година. Кои се наодите? Внатрешното јадро на Земјата доживеало осцилации во неговата ротација помеѓу 1969 и 1974 година.
Истражувачите забележале и промена во насоката на ротација помеѓу 1971 и 1974 година! Според нивните најнови набљудувања внатрешното јадро ротирало малку побавно во периодот од 1969 до 1971 година. А потоа забрзало во периодот од 1971 до 1974 година. Како што укажуваат авторите и претходно имаше предлози за можноста дека јадрото на Земјата осцилира, но до сега научната заедница беше поделена на оваа тема.
Студијата на обезбедува докази дека овие осцилации се случувале во циклуси од околу 6 години. Притоа внатрешното јадро на Земјата се движело по неколку километри напред-назад под нашите нозе! Но какво влијание овие осцилации може да имаат врз должината на денот?
Промената во должината на денот со текот на времето веќе беше проверена експериментално. Но, објаснувањата за оваа појава се различни. По сеизмолошките анализи на внатрешното јадро, истражувачите ги споредиле нивните резултати со варијациите во должината на денот и откриле дека варијациите се совпаѓаат! Според нив, токму затоа моделот со осцилација на внатрешното јадро на Земјата би можел да даде валидно објаснување за оваа промена. Имено, како што тие објаснуваат „забележуваме дека должината на денот се зголемува и се намалува според очекувањата. Совпаѓањето на овие две набљудувања ја прави осцилацијата веројатна интерпретација”.
За да се потврди оваа хипотеза, истражувачите треба да разберат како се формирало јадрото. Тие сакаат да ги разберат и клучните елементи што придонеле за циклусите на осцилации.
Освен практичните тешкотии за директно проучување на јадрото, истражувачите се соочуваат и со уште една пречка. По затворањето на LASA и крајот на подземните атомски проби, сеизмичките податоци од длабочината на Земјата станаа помалку точни. Затоа се неопходни нови инструменти кои обезбедуваат доволно прецизни податоци.