Во некои случаи, клетките на туморот покажуваат отпорност на третмани со хемотерапија. Новиот епигенетски механизам може да го објасни овој феномен. Еве од што се состои стратегијата за подобрување на ефикасноста на хемотерапијата...
Иако хемотерапијата е моќен третман против ракот, честопати се појавува отпорност. За да може лекарите подобро да се справат со неа потребно е подобро разбирање на нејзиното потекло. Долго време се бараа генетски објаснувања, но еден научен тим од Институтот Кири се впушти да го истражи патот на епигенетиката. Имено, иако туморите веќе неколку години масовно се секвенционираат, објаснети се само неколку случаи на отпор. Споменатиот тим дошол до заклучок дека веројатно освен генетиката за отпорноста веројатно постои и некој друг причинител. Во прилог на тоа говори и што ретки се клетките што се способни да го толерираат третманот со хемотерапија, а притоа да не претрпат генетски мутации. Така постепено се појави хипотезата за епигенетска причина.
Епигенетиката претставува збир од механизми кои придонесуваат за гените да се активираат или деактивираат во клетката. Тргнувајќи од заедничкиот геном на сите наши клетки, епигенетските модификации дефинираат мноштво можности за изразување. Научниот тим се впуштил во проучување на овие варијации на илјадници туморски клетки од рак на дојка што претходно биле изложени на хемотерапија.
По нивната анализа, научниците идентификувале епигенетска модификација, која се чини дека е клучен елемент во отпорноста на хемотерапијата. Наречена H3K27me3, оваа модификација е мошне присутна (таа се наоѓа во приближно 10% од геномот) и се користи за деактивирање на одредени гени. Во случаите на отпорност на хемотерапија, таа се губи за околу стотина гени, што е мошне ниска бројка наспроти големината на геномот.
Истражувачите ја тестирале својата хипотеза со бришење (или обратно заклучување) на оваа модификација во лабораториски услови, пред да ги подложат клетките од туморот на хемотерапија. Притоа биле забележани “многу јасни спротивни ефекти”. Кога маркерот бил претходно избришан, сите клетки развивале отпорност. Наспроти тоа, кога маркерот бил заклучен, односно неговото отстранување било спречено, повеќето клетки од туморот умирале при процесот на хемотерапија.
При спроведување на хемотерапиите, „епигенетски лек“ кој предизвикува блокирање на посочената модификација во клетките би бил ефикасна стратегија за сузбивање на отпорноста кон овој третман. Во експериментите со глувци оваа комбинација се покажала како многу ефикасна во одложување на рецидивите, во споредба со спроведувањето на само хемотерапија.
Сепак, по ова откритие претстои уште работа – молекулите што покажале резултати кај глувци не значи дека ќе бидат употребливи за луѓето. Затоа ќе биде неопходно да се прилагодат или да се најдат други молекули што го имаат истиот ефект. Но и покрај тоа ова откритие означува скок во знаењето за механизмот на раниот отпор и дава надеж за негово надминување.