Меѓународен тим ја квантифицираше стапката на генетско наследство кај птиците и цицачите.
Дарвиновата теорија за еволуцијата ја опишува природната селекција како успешна адаптација на еден вид како резултат на генетските промени наследени со текот на времето. Иако ова традиционално се сметаше за релативно бавен процес, што значи дека се потребни најмалку неколку генерации за да се случи промената, се чини дека веројатно сме ги потцениле стапките на генетско наследство. Меѓународниот тим, во чијшто состав влегле 40 истражувачи од 27 научни институции, откри дека „двигателот на еволуцијата“ се чини дека е поприсутен отколку што досега се сметаше, а природната селекција се случува со два до четири пати поголема брзина.
Како што истакнува еден од научниците, д-р Тимоти Бонет од Австралискиот национален универзитет, којшто го предводел проектот, од времето на Дарвин до денес истражувачите идентификувале многу еволутивни примери каде промените настапиле во рок од само неколку години.
„Вообичаен пример за брза еволуција е големиот брезов молец (Biston betularia), кој пред индустриската револуција во Обединетот Кралство бил претежно бел. Бидејќи загадувањето остава црна саѓи на дрвјата и зградите, црните молци имале предност за преживување бидејќи на птиците им е потешко да ги забележат. Со оглед на тоа што бојата на молците ја одредува веројатноста за преживување и се должи на генетските разлики, во популацијата во Англија брзо станале доминантни црните молци“.
Бела и црна варијанта на големиот брезов молец (Biston betularia)
Ова е прва студија во којашто се разгледува брзината на еволуцијата во ваков огромен обем, во неа биле проучувани и 19 популации на диви животни од целиот свет, меѓу нив точкестите хиени од Танзанија, црвените елени од Шкотска и некои видови врапчиња од Канада... Проучуваните видови покриваат широк опсег на екологии, животни истории и општествени системи и населуваат различни копнени живеалишта. Сите популации биле следени во долготрајни периоди, од 11 до 63 години, при што биле обезбедени податоци за природната селекција за преку 249 430 примероци.
За секој примерок биле земени податоци за тоа кога е роден, со кого се спарил, колку потомци имал и кога умрел. Секое индивидуално истражување вклучено во оваа студија во просек траело и по 30 години, при што тимот добил неверојатни 2,6 милиони часови теренски податоци. Податоците потоа биле комбинирани со генетските информации за секое од проучуваните животни за да се процени степенот на генетските разлики во нивната способност за репродукција, во секоја популација.
Chionomys nivalis е уште еден од видовите вклучен во истражувањето
По три години напорна работа, Бонет и тимот конечно квантифицирале колку промени на видовите се случиле поради генетските промени предизвикани од природната селекција. Тие потврдиле дека адитивната генетска варијанса (мерена како VA) која се јавува кај повеќе популации има средна и најчеста вредност коишто биле два до четири пати поголеми од оние од претходно претпоставените. VA, исто така, влијае и на релативната кондиција – веројатноста за репродукција и пренесување на генетските информации.
Методот им овозможил на научниците да добијат начин за мерење на потенцијалната брзина на сегашната еволуција како одговор на природната селекција низ сите особини во популацијата. Ова е нешто што не можело да се оствари со претходно применуваните методи.
Сè уште е рано да се каже дали вистинската стапка на еволуција се случува побрзо од порано, бидејќи (засега) не постои некоја основна линија за споредба. Меѓутоа, со овој сегашен модел би можеле да започнеме да ја мериме количината на достапно генетско „гориво“ и да започнеме да ја квантифицираме Дарвиновата теорија за еволуцијата.