Истражувачите откриле дека кога државата ја декриминализира рекреативната употреба на марихуана, употребата на алкохол и злоупотребата на лекови против болки и пушењето цигарите кај младите се намалува. Во трудот објавен неодамна во во научното списание Journal of Adolescent Health, научниот тим ги презентира резултатите од нивното истражување на анкетните податоци за младите луѓе кои живеат во државата Вашингтон, во САД, откако државата ја декриминализирала рекреативната употреба на марихуана во 2012 година.
Во текот на изминатите десетина години, добар дел од државите во САД ја одобрија и легализираа употребата на марихуана за медицински цели, а неколку од нив и целосно ја декриминализираа нејзината употреба. Противниците на овие мерки тврдат дека на овој начин не само што се зголемува употребата на марихуана, туку се зголемува и злоупотребата на други супстанции што причинуваат зависност, како што се алкохолот и лековите против болки, сè под претпоставка дека марихуаната е почетна дрога што ја зачнува зависноста. Претходните истражувања покажале дека марихуаната, всушност, не претставува почетна дрога што неопходно води до други зависности, и дека нејзината употреба може да обезбеди терапевтски придобивки. Во споменатиот нов научен труд, истражувачите откриваат дека марихуаната не само што не служи како почетна дрога, туку нејзината употреба се чини дека води кон намалување на употребата на други дроги, барем кај младите луѓе.
Со цел да дознае повеќе за опсегот и влијанието од злоупотребата на дрога меѓу младите, во периодот откако државата Вашингтон ја легализираше рекреативната употреба на марихуаната во 2012 година, тимот ги анализирал податоците од анкетите спроведени во оваа држава во текот на годините 2014 до 2019 година. Во истражувањата биле опфатени вкупно 12 500 испитаници од две возрасни групи на млади луѓе – оние меѓу 18 и 20 години и оние меѓу 21 и 25 години. Имено, во државата Вашингтон легалната употреба на марихуана е дозволена само за оние на возраст над 21 година, а истото се однесува и алкохолот, во Вашингтон консумацијата на алкохол е дозволена само за оние над 21 година.
Истражувачите откриле дека злоупотребата на алкохол од страна на испитаниците во претходниот месец била, во просек, помала по легализирањето на марихуаната, а истиот тренд е забележан и за епизодите на обилно пиење. Тие откриле и намалување на злоупотребата на лекови против болки и на злоупотребата на никотински производи, освен кај е-цигарите. Изненадувачки, истражувачите откриле дека употребата на таквите уреди била зголемена. Тумот смета дека овој тренд на зголемено користење на е-цигари веројатно се должи на тоа што тие се релативно нов производ и новоста го поттикнува љубопитството за нивна употреба. Ова е поткрепено и со тоа што нивната употреба бележи нагорна линија и на национално ниво во САД, така што овој тренд не е поврзан со легализацијата на марихуаната.