Дали некогаш сте се запрашале на што се должи сиво-белиот мермерен ефект на површината на Месечината? Темните дамки, наречени мориња (maria на латински), се резултат од серија вулкански ерупции што се случиле пред милијарди години, покривајќи големи површини со врела лава. Остатоците од овие древни вулкани може да се покажат клучни во обезбедувањето извор на вода за идните астронаутите.
Иако на Месечината и недостасуваат “резервоари” со течна вода, новото истражување спроведено од научниците од Универзитетот на Колорадо во Болдер (САД) се послужи со компјутерско моделирање во потрагата. Резултатите покажале дека активноста на месечевите вулкани веројатно оставиле зад себе огромни ледени слоеви на половите од Месечината, што потенцијално би можеле да бидат дебели и неколку стотици метри.
Распределбата на површинскиот мраз на јужниот пол на Месечината (лево) и северниот пол (десно), откриена со инструментот на НАСА, Moon Mineralogy Mapper. (извор: НАСА)
Истражувањето, објавено во The Planetary Science Journal, се заснова на компјутерски симулации што ги рекреираат условите на Месечината од пред 2 – 4 милијарди години, кога десетици илјади огромни вулкани еруптирале. Со помош на овие модели научниците утврдиле дека древните вулкани на Месечината веројатно испуштале огромни количества јаглерод моноксид и водена пареа, кои потенцијално создале тенки слоеви на атмосфера што траеле доволно долго (околу 2500 години) за да го овозможат формирањето на подолготрајните ледени слоеви под месечевата површина.
Според проценките на моделот, приближно 41% од водената пареа од вулканите можела да се кондензира и претвори во мраз на површината од Месечината, мраз што сега можеби лежи скриен во некогашните вулкански кратерите и чека да биде откриен. Проценките велат дека се работи за преку осум трилиони тони воден мраз (8,2 × 1015 kg).
Овој лунарен мраз можеби е тешко да се открие, бидејќи сосема веројатно е закопан под неколку метри лунарна прашина. Но, сега кога знаеме каде тој би можел да се најде, сè што треба да направиме е да почнеме да копаме.
Мапа на можни наоѓалишта на вода под површината на Јужниот пол на Месечината, заснована врз температурните податоци од ЛРО. (фото: ЕСА)