Ако нешто се подразбира тоа е дека корисниците никогаш, ама НИКОГАШ, не треба да преземаат ажурирања за Windows од кој било извор освен од Microsoft. Но, ете, бидејќи ова очигледно не е така, еве да повториме уште еднаш: НЕ ПРЕЗЕМАЈТЕ АЖУРИРАЊА ЗА WINDOWS ОД НИТУ ЕДЕН ДРУГ ИЗВОР ОСВЕН ОД МИКРОСОФТ!
Неодамна, надградбите за Windows 10 од несигурни извори беа фатени како го шират ransomware софтверот Magniber, по што лесноверните корисници биле погодени од барања за откуп во биткоини.
Експертите за кибер безбедност во BleepingComputer го забележале проблемот откако корисниците на форумот пријавија инфекција откако инсталирале таканаречени ‘ажурирања’ за Windows 10 од нелегални warez библиотеки за надградба. Овој вид интернет-страници нудат пиратски и кракнати верзии на комерцијалните софтвери и честопати се на мета на хакерите како медиум за ширење на некој од нивните малициозни софтвер. Програмата Magniber што била скриена во некои од лажните ажурирања шифрира одредени делови од дискот за складирање на корисникот, а потоа бара анонимен трансфер од биткоини во вредност на околу 2600 американски долари за поврат на датотеките на корисникот. Ако чекате повеќе од неколку дена – цената се зголемува, а засега нема познат начин како одново да обезбедите пристап до овие шифрирани датотеки без притоа да го отворите паричникот.
Според BleepingComputer, кампањата за испраќање малициозен софтвер е насочена кон редовните потрошувачи и кон студентите, што ја прави особено непријатна во однос на последиците. Уште еднаш, проверете дали и вашиот софтвер и вашите ажурирања доаѓаат од вистинското место, а не е на одмет и да направите соодветен бекап на податоците.
Потсетување – за правилен пристап до Windows Updates од самиот Windows 10, отворете го менито Start, изберете ја иконата со запчаник за да ја отворите апликацијата Settings, а потоа изберете Update Security Update Windows Check за ажурирање на софтверот.