По три години одржување и надградби, Големиот хадронски судирач (Large Hadron Collider – LHC), еден од најмоќните научни инструменти што кога и да е биле создадени, го надмина сопствениот рекорд. При подготовките за изведба на неговата трета голема серија на експерименти, забрзувачот на честички ги создаде досега најенергичните протонски зраци направени од човек. Честичките што се движеле низ тунелот долг 27 километри во близина на Женева, Швајцарија, биле со енергија од 6,8 трилиони електронволти (TeV)!
Со ова LHC го собори неговиот прв рекорд поставен во 2009 година, веднаш откако започна со работа, и стана најмоќниот акцелератор на честички во светот.Тогаш протонскиот зрак со енергија од нешто повеќе од 1 TeV, го надмина рекордот од Теватрон забрзувачот на Фермилаб, лоциран во близина на Чикаго, Илиноис, САД. Една година подоцна LHC го надмина и овој рекорд, постигнувајќи енергија од 3,5 TeV, но набргу потоа беше исклучен поради одржување и за консолидирање на некои од магнетите кои ги контролираат протонските зраци. По новото пуштање во употреба во 2015 година следеше нов рекорд со достигнување на 6,5 TeV. Ова достигнување ги задоволи физичарите на честички кои ги проучуваа податоците од LHC во наредните три години.
За време на второто долго исклучување, кое штотуку заврши, истражувачите и техничарите „направија дополнителна консолидација на безбедносниот систем на магнетот“. Тие измени го овозможија постигнување на нов рекорд и го доведоа тимот „многу блиску до дизајнираната енергија на LHC, што е 7 TeV“, како што откриваат научниците вклучени во проектот.
Овој рекорд не е единственото постигнување од LHC. Во наредниве недели и месеци се очекуваат уште новини. Неколку од експериментите на акцелераторот значително го зголемиле количеството на податоци што може да го регистрираат и соберат, отворајќи врата кон нови, а можеби и изненадувачки откритија.
При третата серија експерименти секој од двата детектори за општа намена на судирот – ATLAS и CMS – ќе следи поголем број судири отколку биле следени за време на првите две серии експерименти. Капацитетот на сите други инструменти исто така е зголемен, дури за 50%. Истражувачите ширум светот ќе ги користат овие податоци за да ѕирнат подлабоко од кога било во некои од најзбунувачките и најосновните мистерии во физиката.