Астрономите открија комета која се движи кон Земјата со брзина од околу 10 километри во секунда. И се работи за досега најголемата комета што била забележана, тешка цели 500 трилиони тони. Но, не брзајте да се вкопувате и затворате во вашите засолништа и бункери. Кометата ќе се приближи на оддалеченост од "само" 1,6 милијарди километри од Сонцето во 2031 година, така што таа нема да претставува никаква опасност за нас... барем овојпат.
Кометите претставуваат ледени остатоци од периодот кога се формирале на планетите во раниот Сончев систем. Денес се смета дека тие престојуваат во хипотетичкиот Ортов Облак – огромен резервоар на комети сместен милијарди километри подалеку од најоддалечените планети што се наоѓаат во сончевата орбита. Кога се доближуваат до Сонцето, сите комети имаат карактеристична опашка, која понекогаш се протега со милиони километри, составена од парчиња мраз и гас. Но, главата на секоја комета ја сочинува замрзната топка од мешавина на мраз и прав.
Како јадрото на кометата C/2014 UN271 беше издвоено од огромниот облак од гас и прав којшто го опкружува тврдото смрзнато јадро од објектот. Фото: NASA, ESA /Alyssa Pagan (STScI)
Огромната комета што е на пат кон внатрешните делови на Сончевиот систем ја носи ознаката C/2014 UN271, ила ако повеќе милувате може да ја нарекувате и Бернардинели–Бернштајнова комета. Се рабоити за комета стара четири милијарди години којашто се движи кон Сонцето во текот на повеќе од еден милион години. Таа беше откриена сосема случајно во 2010 година, од страна на астрономите Педро Бернардинели и Гери Бернштајн, кога се наоѓала на речиси пет милијарди километри оддалеченост од Сонцето. Астрономите ја откриле при проучување на архивските слики од Истражувањето за темна енергија кое се изведува во опсерваторијата Серо Тололо во Чиле.
Новата студија за кометата беше објавена неодамна во научното списание Astrophysical Journal Letters. Притоа астрономите се согласуваат дека во старт се сомневале дека кометата е од гаргатуански размери, но биле потребни повеќе набљудувања податоци за овие сомневања да се потврдат. За таа цел бил користен, мешу другото, и вселенскиот телескоп Хабл на НАСА. Набљудувањата изведени со Хабл биле неопходни за да се види цврстото јадро на кометата што се криело зад огромниот правлив штит што ја опкружува. Истражувачите откриле дека кометата е со дијаметар од најмалку 130 километри.
Композитна слика во боја на кометата C/2014 UN271 направена со помош на Dark Energy Survey во октомври 2017 година (лево) и Дифузната кома на кометата Бернардинели-Бернштајн снимена од опсерваторијата Лас Камбрес на 22 јуни 2021 година (десно)
На 8 јануари 2022 година, тимот со помош на Хабл направил пет фотографии од кометата. Иако таа сè уште се наоѓа предалеку за да може директно да се набљудува, тимот ја идентификувал светлата точка на сликите како јадрото на кометата. Користејќи компјутерски модел, тие успеале да ги компензираат “пречките” во видливоста што ги прави околната прашина, за да го идентификуваат цврстото јадро. Комбинирајќи ги нивните податоци со претходните набљудувања од радиотелескопот во Атакама, Чиле, истражувачите попрецизно го одредиле дијаметарот и рефлексивноста на јадрото на кометата. Освен огромните димензии, коишто се 50 пати поголеми од оние на која било друга досега позната комета, интересно е што кометата е потемна од предвиденото.
‘Небесната’ патека на C/2014 UN271 гледанa од Земјата. Кометата моментално е забележлива на небото на јужната хемисфера и ќе го премине небесниот екватор (жолтата вертикална линија) во 2032 година. Карактеристичните ‘јамки’ на патеката од кометата се должат на годишната револузија на Земјата околу Сонцето.
Се смета дека Ортовиот облак во себе крие трилиони комети. Научниците сметаат дека неговиот внатрешен раб лежи некаде на растојание коешто е некаде помеѓу 2000 и 5000 пати поголемо од растојанието помеѓу Сонцето и Земјата. Надворешниот раб на Оортовиот облак, пак, веројатно се протега на една четвртина од растојанието од нашето Сонце до системот Алфа Кентаур, најблиската ѕвезда до нас.
Истражувањата на длабоката вселена и набљудувањата на кометите, налик на кометата C/2014 UN217, се очекува да им помогнат на астрономите да ја разберат улогата што Ортовиот облак ја има во еволуцијата на Сончевиот систем.
Како јадрото на кометата C/2014 UN271 беше издвоено од огромниот облак од гас и прав којшто го опкружува тврдото смрзнато јадро од објектот. Фото: NASA, ESA /Alyssa Pagan (STScI)
‘Небесната’ патека на C/2014 UN271 гледанa од Земјата. Кометата моментално е забележлива на небото на јужната хемисфера и ќе го премине небесниот екватор (жолтата вертикална линија) во 2032 година. Карактеристичните ‘јамки’ на патеката од кометата се должат на годишната револузија на Земјата околу Сонцето.