Неодамна излегоа неколку владини најави за промена на регулативата во врска со фотонапонските панели кај домаќинствата, коишто би требало, како што тие сметаат, да ја подобрат ситуацијата на ова поле. По овој повод разговаравме со Звонко Марковски, сопственикот на СИЕТО, компанија посветена за решавање и на најспецифичните проблеми oд енергетската електроника на најоптимален начин.
ЕМИТЕР: ЕВН најави дека од јуни ќе започне со примена на нов тарифен модел со воведување на блок тарифи, односно оние кои повеќе трошат – поскапо ќе ја плаќаат струјата, а оние кои трошат помалку би ја плаќале потрошената електрична енергија дури и по поевтини тарифи од она што го плаќаат сега. Кое е вашето мислење за ова?
СИЕТО: Оваа промена во тарифниот модел значи дека е краен момент за секој кој има можност да инсталира макар и најмал фотонапонски систем на својот покрив, за да ја намали сопствената потрошувачка на струја. Целта е домаќинството да има потрошувачка од ЕВН во најниската тарифа.
ЕМИТЕР: Најавата вели и дека ќе биде активирана Програмата за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година. Средствата на оваа Програма во вкупен износ од 30 милиони денари би се користеле за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствени потреби за домаќинствата (до 4 kW), на градба на која има право на сопственост или користење. Надоместокот би покривал до 30% од трошоците за инсталирање, но не повеќе од 62 000 денари по домаќинство за 2022 година. Дали сметате дека овие средства се доволни за да се покријат потребите на индивидуалните домаќинства?
СИЕТО: За индивидуалните домаќинства понудата е мошне погодна. Многу е важно да се искористи оваа можност, бидејќи домаќините нема да имаат никаква потреба од вадење на дополнителни дозволи и лиценци за монтирање на системот со моќност до 4 kW наменет за сопствена потрошувачка. Притоа, ако се конкурира за оваа програма, домаќинството освен што добива и субвенции (инвестицијата на споменатиот систем ќе биде помала до 1000 евра), ќе ја намали и потрошувачката на струја од ЕВН со што автоматски трошокот за потрошената енергија ќе падне во пониска тарифа од сегашната – домаќинството ќе плаќа струја по пониска цена.
ЕМИТЕР: Oд 1 јули оваа година на сите домаќинства во Македонија ќе им се дозволи да инсталираат на покривите панели и да произведуваат сопствена електрична енергија по моделот потрошувач – производител. Она што би требало да уследи е поедноставување кај домаќинствата, од 4 киловати, капацитетите на инсталираните фотонапонски системи да се зголемат на 6 киловати и домаќинствата да се стекнат со право да ја продаваат електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Како ја оценувате оваа најава?
СИЕТО: Позитивно во оваа најава е што ќе се даде можност вишоците од произведената електрична енергија добиена од сонцето да не пропаѓаат, туку да се продаваат. Кога ова го кажавме мора да нагласиме и дека целиот процес, барем онака како што е сега замислен, има повеќе негативни страни. Имено, објектите каде ќе се монтира опремата за добивање алтернативен извор на енергија (куќа, настрешница, гаража...) мора да се легализирани и ќе треба да се извадат одобренија од општината и од ЕВН за монтажа на опремата. Ова значи дека домаќинствата ќе бидат изложени на дополнителни трошоци (за основен проект и друга документација). Исто така за да може да се монтираат 6 kW потребна е поголема површина. На сликите во прилог може да го видите најпродаваниот систем кој нашата компанија го монтира во последно време – 12 панели од 280W = 3,36 kW. За систем од 6 kW треба да се монтира дури 21 панел! И, конечно, во моментов не е познато на кој начин ќе се врши продажбата на струја од физичко лице кон правно лице.
Останува да го дочекаме јуни и да видиме со која динамика и успешност ќе се применуваат најавените промени во енергетскиот систем.
Сите фотографии употребени во овој напис се од изведби на СИЕТО – Скопје