Телепортацијата можеби е концепт вообичаено резервиран за научната фантастика, но истражувачите покажаа дека може да се користи за да се избегне загубата во комуникациските канали на квантно ниво.
Научниот тим, во којшто беа вклучени истражувачи од Центарот за квантна динамика од Универзитетот Грифит, истражувачи од Универзитетот во Квинсленд и од Националниот институт за стандарди и технологија, укажа на проблемите околу неизбежната загуба што се јавува во секоја форма на комуникациските канал – интернет, телефон или што и да е – и откри механизам што може да ја намали таа загуба. Според научниците ова истражување претставува важен исчекор кон преминот кон квантен интернет, којшто треба да донесе невидени можности кои се недостапни во денешната мрежна поврзаност.
Ова е прво истражување коешто демонстрираше метод за намалување на грешките што ги подобрува перформансите на каналот за комуникација.
Истражувачите најнапред ги разгледале сировите податоци што се пренесуваат преку нивниот канал и успеале да остварат подобар сигнал со примена на нивниот метод, отколку без него. Во експериментот тие прво испративле фотон низ загубата, притоа овој фотон не носел никакви корисни информации, така што неговото губење не претставувало голем проблем. Потоа тие можеле да ги поправат ефектите од загубата со помош на уредот наречен безшумен линеарен засилувач, развиен во Грифит и во Универзитетот во Квинсленд.
Уредот може да ја врати изгубената квантна состојба, но не секогаш е успешен. Кога враќањето на состојбата се покажало успешно, тогаш бил применет друг чисто квантен протокол, наречен телепортација на квантната состојба, со чијашто примена биле телепортирани информациите што сакавле да ги пренесат во сега коригираниот оператор, притоа избегнувајќи ја целата загуба во каналот.
Квантните технологии ветуваат револуционерни промени во нашето општество засновано на информации, квантната комуникација развива методи како оној прикажан во оваа студија за пренос на податоци на исклучително сигурен и безбеден начин, така што е невозможно тие да бидат пресретнати од трето лице. Квантното шифрирање на кратки растојанија веќе се користи комерцијално, но ако сакаме да имплементираме глобална квантна мрежа, загубата на фотони станува проблем бидејќи таа е неизбежна. Примената на овој своевиден квантен релеј може да се покаже како клучен елемент во комуникациската мрежа на далечина.
Како следен чекор во истражувањето е намалување на грешките на ниво каде што тимот би можел да ја имплементира квантната криптографија на долги растојанија и да го тестира методот користејќи реална оптичка инфраструктура.
Резултатите од истражувањето се презентирани во трудот објавен деновиве во Nature Communications.