Истражувачите развија филтер кој може да ги убие бактериите во водата за пиење користејќи само сончева светлина и малку јаглеродни наноцевки. Филтерот, опишан во трудот објавен неодамна во npj Clean Water, има потенцијал да се покаже како корисен прочистувач на места без пристап до сигурна вода за пиење.
Тајната состојка се жици со нанометарска големина направени од титаниум диоксид. Кога жиците ќе се изложат на УВ светлина, тие предизвикуваат реакција кај мали количини вода (H2O) и се претвораат во Реактивен вид кислород (ROS) – соединенија како водород пероксид (H2O2), хидроксид (OH–) и кислород (O2–). Иако тие не се присутни во водата во доволно големи количини за да предизвикаат проблем за луѓето, сите овие соединенија можат прилично ефикасно да ги уништат бактериите.
Истражувачите од Швајцарскиот федерален институт за технологија во Лозана (EPFL), Швајцарија, откриле и дека кога наножиците од титаниум диоксид ги комбинирале со јаглеродни наноцевки, добиениот материјал бил уште поефикасен во отстранувањето на патогени. Тие покажале дека нивниот филтер може да ја отстрани бактеријата echerichia coli, а според нив ова е знак дека филтерот би бил подеднакво ефикасен и за уништување на други бактерии како и некои вируси со поголеми димензии.
Според истражувачите, нивниот прототип може да снабдува чиста вода за пиење дури и на оддалечени места за мали популации, а како бонус неговата димензија може многу лесно да се зголеми.
Истражувачите сега се во процес на изнајдување начини за да го подобрат филтерот, и секако инвеститори кои ќе придонесат за негово производство.