Човекот веќе одамна ја менува планетата и радикално трансформира многу екосистеми. Градовите и урбаните области воопшто, се веројатно најтешко погодени – толку различни од нивната природна состојба што флората и фауната брзо се развиваат како одговор на оваа трансформација.
Проектот за глобална урбана еволуција (Global Urban Evolution Project – GLUE), започнат 2014 година, има за цел да ги следи овие промени, во обид да одговори на прашањето дали урбанизацијата предизвикува паралелна еволуција на глобално ниво? Со други зборови, дали живите суштества кои живеат во градовите развиваат исти стратегии за преживување без разлика каде се наоѓаат во светот? Според првиот труд од проектот GLUE објавен неодамна во Science, се чини дека одговорот е да.
Трудот е резултат на огромна истражувачка работа во којашто учествуваат 287 научници распространети низ 160 градови во 26 различни земји, од Канада до Јапонија преку Австралија и Германија. Сите овие градови (Торонто, Минхен, Мелбурн, Токио...) имаат нешто заедничко: во нивните ливади и цветни леи расте белата детелина (Trifolium repens), едно од најраспространетите растенија во светот.
Белата детелина има потекло од Европа и Африка, но сега таа е присутна во секој агол на земјината топка. Токму поради оваа нејзина космополитска природа таа била избрана за предмет на проучување. За да откријат како ова растение реагира од еволутивна гледна точка на урбанизацијата, научниците од GLUE се фокусираа особено на основната физиолошка функција: производството на цијановодородна киселина, која му служи на растението да се одбрани од тревопасните животни и да и помогне да се справи со стресот предизвикан од можниот недостаток на вода.
Компаративната анализа на состојбата на белата детелина ширум светот покажала една работа: урбаните примероци произведуваат многу помалку цијановодородна киселина од дивите. И ова се случува без разлика на тоа каде се наоѓаат – детелината од центрот на Токио произведува помалку цијановодородна киселина од онаа што расте на село, но произведува иста количина како и детелината во центарот на Лондон. Тоа е затоа што во градот двата фактори споменати погоре имаат далеку помало влијание врз опстанокот на растенијата – во урабаните средини има малку тревопасни животни, ако и воопшто, а исто така на растенијата ретко им недостасува вода, имено тоа е една од предностите од живеењето во урбана средина којашто е под строга контрола на луѓето.
GLUE ги сумира наодите од студијата на следниов начин:
Детелината од Торонто и берлинската детелина имаат многу повеќе сличности една со друга отколку детелината од Торонто и онаа од канадските шуми. Тоа е сензационален доказ за паралелна еволуција којашто се случува директно под влијание на човечката активност. За GLUE ова е само почеток од истражувањето што кој ќе се прошири и за други растенија, а коешто ќе ни помогне да разбереме како нашите акривности влијаат врз животинските видови кои зависат од тие растенија.