Рубрика: Омнибус
Достапноста до храна – глобален проблем
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.03.2022 - 12:45

Како глобалната нестабилност, предизикана од пандемијата и украинската криза, влијае врз произвоидството и достапноста на храната?

Синџирите за снабдување со храна што уште во текот на ковид пандемијата се најдоа под притисок, сега со војната во Украина се исправени пред нов предизвик со потенцијално страшни последици за глобалната стабилност. Цените на пченицата, јачменот и вештачките ѓубрива вртоглаво растат на светските пазари, достигнувајќи зголемувања и до 40% по почетокот на војната во Украина и наметнувањето на тешките санкции на Русија.

Според Гилберт Ф. Хонгбо, претседател на Меѓународниот фонд за развој на земјоделството при ООН, “Ова може да предизвика ескалација на гладот ​​и сиромаштијата со страшни импликации за глобалната стабилност.” Зголемувањето на цените предизвикано од конфликтот, кое се надоврза врз покачувањата предизвикани од пандемиските услови, ги донесе цените на храната на највисоко ниво во последниве 10 години. Па така напредокот којшто беше постигнат пред пандемијата во насока на намалување на гладта во светот сега ​​е уназаден, со дополнителни 100 милиони луѓе кои се најдоа на работ на опстанок.

Анализата направена од Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД) при ООН покажа дека ефектите од украинскиот конфликт, во поглед на снабдувањето со храна, ги чувствуваат и луѓе кои се илјадници километри подалеку.

Извештајот покажал дека во Сомалија, каде што зголемувањето на трошоците за струја и транспорт непропорционално влијаело врз сиромашните земјоделци и сточари кои најчесто користат дизел-мотори за наводнување на посевите. Во Египет цените на пченицата и сончогледовото масло драматично ескалираа, бидејќи земјата е зависна од Русија и Украина, од коишто набавува 85% од пченицата и 73% од сончогледовото масло.

Глобалната достапност до храна вртоглаво опаѓа поради пандемијата и сега поради кризата во Украина.

Како што забележува и Стивен Вегрен, политиколог од Јужниот методистички Универзитет од Тексас,  “Од 2014 година Русија е централен играч на меѓународниот пазар на храна, рангирајќи се на прво или второ место во извозот на пченица секоја година. Војната во Украина ќе го промени нејзиниот статус на прехранбена суперсила во подем“.

Пристапот до соодветна храна е човеково право признаено според меѓународното право, но во земјите во развој и развиените економии, 768 милиони луѓе се соочија со глад во 2020 година. Од нив, 418 милиони живеат во Азија, 282 милиони живеат во Африка и 60 милиони во Латинска Америка и Карибите. Речиси секој трет човек во светот (2,37 милијарди) немал пристап до соодветна храна во 2020 година. Последниве две години, бројот на луѓе кои имале проблем со снабдувањето со храна се зголемил повеќе од двојно, од 135 милиони на 283 милиони. Несигурноста во снабдувањето со храна варира од луѓе кои јадат минимално адекватна исхрана, но се присилени да направат значителни промени во исхраната за да ги поддржат другите животни потреби, до глад каде нивоата на акутна неухранетост и болести се високи.

Околу 660 милиони луѓе сè уште може да најдат соочени со глад во 2030 година, делумно поради трајните ефекти што пандемијата со ковид-19 ги има врз глобалната безбедност на храната, што е 30 милиони луѓе повеќе отколку ако пандемијата да не се случеше. Мнозинството (60%) од луѓето погодени од глад живеат во зони со конфликт – конфликтот е главен двигател во 8 од 10-те досега најлоши кризи со глад.

29% од глобалната трговија со пченица отпаѓа на Руската Федерација и Украина, а многу земји, вклучувајќи ги Индонезија, Бангладеш, Еритреја и Ерменија, се мошне зависни од увозот на пченица од овие пазари. Некои од нив, воведоа трговски ограничувања за да ги заштитат сопствените резерви на храна по војната во Украина.

Каде сме ние како држава и како размислуваме за ова? Се чини дека и оваа криза ќе нè дочека изненадени... Барем засега нема знаци за некаков план со којшто ќе се намали влијанието на светската криза со снабдување со храна.

Клучни зборови:
Глобалната достапност до храна вртоглаво опаѓа поради пандемијата и сега поради кризата во Украина.

Глобалната достапност до храна вртоглаво опаѓа поради пандемијата и сега поради кризата во Украина.